Селами контра Симовски за пописот: Тоа што го кажал е грешка

од Vladimir Zorba
405 прегледи

Заменик – директорот на Заводот за статистика Илми Селами денеска за ТВ 21 изјави дека директорот Апостол Симовски греши кога вели дека податоци за верска и национална припадност не може никој друг да му соопшти на попишувачот.

Според Селами, за лицата кои се во странство сите податоци може да ги даде лице на кое тие податоци му се познати.

Заменикот на Симовски вели дека не би можел да каже што мислел директорот кога ја дал изјавата.

„Тоа што го кажал е грешка. Такво нешто не е предвидено ниту со Законот, ниту со методологијата. Законската одредба е општа и вели дека ќе даде податоци кои се однесуваат на лица кои се надвор. Ги вклучува сите податоци од матичен број и се друго што се однесува на пописот“, рече Селами за ТВ 21.

Симовски пред неколку дена изјави дека за прашањата за етничката и верската припадност ќе мора секој лично да се изјасни.

„Кога некое лице дава податоци за друго лице, не може да се даде одговор на оние прашања за коишто се бара исклучиво лично изјаснување. Тоа се прашањата за етничката припадност, религиозната припадност и јазикот. Лице што не ги познава доволно, не може да даде податоци и нема да ги знае сите одговори и апликацијата нема да го прифати одговорот. Денес постојат можности за комуникација, лесни, достапни и евтини, да се искомуницираат тие лица кои се надвор и самите да ги пополнат податоците. Тоа е целта, и тоа би било најдоброто решение“, рече Симовски.

Слични содржини