Селмани: Отворен Балкан не е придвижување према Русија, тoa е неодржлива теза

од Берта Китинска

Отворен Балкан дава повеќе можности на економијата на државите на Балаканот, дава поедноставени процедури, помалку бирократија и помалку трошоци. Албанија и С.Македонија се членки на НАТО, да не заборавиме. Додека Косово и Србија имаат политички се уште нерешен проблем и е разбирливо зошто Косово не е оптимист за ова иницијатаива. Отворен Балкан не е придижување према Русија, таа е неодржлива теза, вели во разговор за „Локално“, поранешениот вицепремиер и министер за здравство Имер Селмани.

Според него Заев на локалните избори играл на се или ништо и ветениот збор го одржил поднесувајќи си оставка од двете најмоќни позиции во државата.

-Дали некој друг би го направил истото,чисто се сомневам.Заев воведе нови правила во политичкиот живот,од тоа како се справуваше со деценискиот проблем со Р. Грција до тоа како комуницираше по смс пораки со обичните граѓани. Он дојде необично на власт и си замина исто така нестандардно за еден балкански политичар и со еден голем трофеј во рацете а тоа Преспанскиот договор и НАТО членството, вели Селмани.

2021-ва беше навистина турбулентна година за земјава – бевме сведоци на неколку вета на европскиот пат од страна на Бугарија, на голем пораз на актуелната партија на власт на локалните, на чекор бевме од паѓање на Владата преку негласање на доверба во Собранието, премиерот Заев си поднесе оставка, а сето тоа беше пропратено со здравствена, економска, енергетска криза… Може ли оттука само нагоре или не очекуваат и нови тешки предизвици во 2022 година?

Годината која што ја испраќаме ќе биде запаметeна по големите очекувања а и големите разочарувања, поготово на патот на евроинтеграцискиот процес. Причината е јасна, ветото на соседна Р. Бугарија која од само нејзини познати причини ја кочеше нашата држава во полноправната интеграција во ЕУ, меѓутоа не само нашето туку и на соседна Албанија.Едноставно пред очите на нашата јавност ЕУ пропушти да ја исправи грешката која што неколку децении ја повторуваше предходно со Р. Грција.Се разбира дека тешката слика се надополнува со веќе двогодишната здравствена криза со Ковид 19 и економската поради енормното покачување на цените пред се на енергенсите.

Како вие го оценувате мандатот на Заев како премиер на земјаваи требаше ли да ја „прокоцка“ целата политичка кариера и да оди, како што самиот кажа „ол ин“, со резултатите од локалните во Скопје?

Да, Г-дин Зоран Заев играше на се или ништо на локални избори во кој не настапуваше он на избори туку кандидатите на коалицијата, изгуби и си го одржи зборот, си поднесе оставка од двете најмоќни позиции во државата. Дали некој друг би го направил истото,чисто се сомневам.Заев воведе нови правила во политичкиот живот,од тоа како се справуваше со деценискиот проблем со Р. Грција до тоа како комуницираше по смс пораки со обичните граѓани. Он дојде необично на власт и си замина исто така нестандардно за еден балкански политичар и со еден голем трофеј во рацете а тоа Преспанскиот договор и НАТО членството.

СДСМ се реформираше по поразот од ВМРО-ДПМНЕ на локалните. Видовме и сосема различни избори внатре во партиите – едни во демократски манир, други во типичен „вмровски стил“ со еден кандидат. Може ли СДСМ да излезе од амбисот во кој, може да се каже, сама се втурна и да ги поврати позициите по промените и, своевидното, „обединување“ на крилата?

Секако дека може да излезе од кризата настаната после локалните избори. Има време од две и повеќе години до наредните парламентарни избори, до тогаш треба да покаже перформанси со новата екипа која што е микс на млади и искусни политичари, треба да направи вистински исчекор во владеењето на правото и економската препородба на државата, а тогаш да се справи со пандемијата и високите цени.

Може ли вакво нереформирано ВМРО-ДПМНЕ на чело со Мицкоски да ја води државава? Потезите кои ги повлекоа веднаш по локалните не навестуваат дека „доктрината“ ќе донесе нешто ново и како за момент да се вративме од времето на Груевски…

Рано е да процениме за успесите или неуспесите на новите градоначалници и советници на локално ниво од редовите на ВМРО ДПМНЕ. Едно е јасно, од нивното работење ќе зависи дали ќе бидат идната власт или не на централно ниво.

Кој најмногу изгуби во албанскиот блок по „авантурата“ со негласањето на доверба на Владата, кога во последен момент „исчезна“ Кастриот Реџепи? Дали ова е клучен момент кој ќе им пресуди на Села (АА) и Касами (БЕСА) и ќе ги отстрани од македонскиот политички живот? Ги зајакна ли ДУИ своите позиции кај албанскиот електорат по овие случувања?

Сите политички партии одлуките ги носеа автономно ценејќи дека го прават најдоброто за себе, меѓутоа ние во Балканот сме навикнати работите да се сменат во последен миг и ништо веќе не е табу иако е морално дискутабилно.На крајот сите партии кај албанскиот политички кампус се среќни, власта е поделена на локално ниво и очекуваме вистински добар натпревар со добри идеи и проекти.

Ќе има ли за Алтернатива „живот“ по завршувањето на мандатот на оваа Влада? Дали ќе има коалиционен потенцијал по „бесата“ која ја даде, а потоа се повлече за туркањето на Заев и СДСМ од власт?

Алтернатива има шанса да го поправи својот резултат за наредните избори ако успее да се наметне како позитивен и конструктивен елемент во новата влада. Ресорот здравство ќе биде управуван од нивен кадар, имаат одлична можност да се докажат во услови на здравстевна криза, да воведат ред во здравството и конечно да почнат со вистински инвестиции во градбата на долго најавуваниот нов Универзитетски Клинички Кампус.

Ќе издржи ли оваа, како што ја нарече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, „пластелин коалиција“ до крајот на мандатот или потребни се предвремени парламентарни избори, во позадина и на резултатите од последните локални избори?

Дали ќе издржат зависи пред се од самата владеачка коалиција и нивните резултати. Во државата власта е поделена после локалните избори доста балансирано, ниту една партија нема апсолутна моќ, а тоа е добро за народот и демократијата.

Побарано е меѓународна истрага за неколку судски случаи како „Монструм“, „Диво Насеље“… случаи кои предизвикуваат негативни чувства кај македонското население поради жртвите Македонци. Мислите ли дека Алтернатива ги има во предвид чувствата на сограѓаните Македонци или се води исклучиво од тоа да ги задоволи албанските гласачи? Се сложувате ли вие со нивниот став дека судиите во овие случаи имале „предрасуди за етничката припадност на обвинетите“?

Владата и парламентот треба да направат се за да имаме функционална правна држава, ниту Aлбанците ниту Mакедонците, а и сите граѓани генерално не се задоволни од функционирањето на правниот систем во нашата држава.

На Балканот, како и секогаш, има голем број на отворени прашања и проблеми, но спорот на Македонија со Бугарија и застојот на косовско-српскиот дијалог се најистакнати. Дали, според вас, нерашавањето намакедонското и косовското прашање и држењето на земјите во „чекалната“ на Европа може да предизвика нов конфликт на Балканот?

Според мене нов конфлик не може да се генерира, меѓутоа разочарување, криза, миграција и евроскептицизам да.

Треба ли земјава да ги згази своите „црвени линии“ за решение со својот сосед и одблокирање на патот кон Брисел?

Со секоја измината година, одобрувањето на граѓаните за ЕУ драстично се намалува…Ние како држава имаме рамка за преговарање усвоена од парламентот која треба да се почитува од страна на извршната власт, тие не се црвени лини, едноставно се објавени јавно црвени лини не може да се преговара, со рамка може да се преговара и да се дојде до договор.

Како албанскиот блок може да реагира при „вртењето“ на земјата кон Истокот (Турција, Русија и Кина), земји кои сакаат да инвестираат средства за економски напредок на земјава? Како гледате и на иницијативата „Отворен Балкан“, која Косово цврсто ја одбива поради, според нив, зближувањето на тој начин со Русија?

Отворен Балкан не е придижување према Русија, таа е неодржлива теза. Отворен Балкан дава повеќе можности на економијата на државите на Балаканот, дава поедноставени процедури, помалку бирократија и помалку трошоци. Албанија и С.Македонија се членки на НАТО, да не заборавиме. Додека Косово и Србија имаат политички се уште нерешен проблем и е разбирливо зошто Косово не е оптимист за ова иницијатаива.

Ваши предвидувања за земјава во претстојната 2022-ра година? Предвремени избори, решение на спорот со Бугарија, крај на економска и здравствена криза…

Првото не би го посакал како граѓанин и стопаственик, додека сите останати предвидувања секако ДА.

В.З.

Слични содржини