Сергеј Трифуновиќ: ДСГ не излегува на изборите, во Србија заробеноста на државата е многу полоша отколку што беше во Северна Македонија

од Nikola Popovski

Претседателот на српското Движење за слободни граѓани (ДСГ), Сергеј Трифуновиќ, изјави денеска дека ПСГ нема да учествува на претстојните избори и оти не сака да учествува во „симулација на демократија“.

-Движењето за слободни граѓани ќе излезе на избори кога за нив ќе се обезбедат фер услови, кои во моментов во Србија не постојат, изјави Трифуновиќ.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, Трифуновиќ на прес конференција изјави дека во Србија во моментов „во сила е мораториум на слобода на говорот и мислењето“, додавајќи дека во Србија постојат непобитни докази за заробеност на државата.

-Постојат евидентни и еклатантни докази за заробеност на медиумите, кои се на исто ниво, ако не и полошо, отколку што беше случајот во Северна Македонија кога ЕУ посредуваше во решавањето на кризата. Во таква заробена држава не постои ни буква Д од демократија, во таква заробена и бесрамно приватизирана држава, нема слободни и фер избори, кажа Трифуновиќ.

За да се одржат слободни и фер демократски избори на кои волјата на граѓаните би била целосно отсликана во српскиот парламент, ПСГ ќе продолжи да се бори, порача Трифуновиќ.

-ПСГ бара од Европската унија независен експертски извештај за состојбата со медиумите во Србија, како и извештај за состојбата на владеењето на правото во Србија. Ја повикуваме Европската комисија да формира независна работна група на правни експерти за да ја анализира заробеноста на државата и состојбата на институциите и да укаже на специфичните проблеми кои би требало да се решаваат за време на реформскиот процес. Како модел може да послужи извештајот што ЕК го користеше за согледување на состојбата во Северна Македонија за време на политичката криза во 2015 година, кажа Трифуновиќ.

Лидерот на ПСГ кажа дека тие „сè уште не размислувале за кампањата за бојкот“.

-Бојкотот е само алатка, нас не интересира борбата за подобри изборни услови, објаснија во ПСГ.

Одлука за бојкот на парламентарните избори претходно ја донесоа партиите членови на опозицискиот Сојуз за Србија (СзС), вклучувајќи ги Демократската партија (ДС), Партијата за слобода и правда (ССП), Народната партија (НС) и движењето Двери.

Како причина, тие го наведоа непостоењето на основни услови за одржување фер, слободни и чесни избори.

И Партите на поранешниот претседател на Србија Борис Тадиќ-Социјалдемократската партија (СДП) и Нова странка (НС) на поранешниот премиер Зоран Живковиќ најавија бојкот на изборите

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека парламентарните и локалните избори во земјата ќе се одржат на 19 или на 26 април, највероватно на 26.

Слични содржини