Северна Кореја во четвртокот изјави дека Вашингтон не смее да се меша во меѓукорејски прашања ако сака успешно да ги одржи претседателските избори, откако САД изразија жалење поради нејзината одлука за прекинување на врските со Јужна Кореја.

Во изјавата, издадена од официјалната севернокорејска новинска агенција КЦНА, висок функционер на Министерството за надворешни работи на Северна Кореја ги опиша изјавите на Вашингтон како „одвратни“ и „двојна игра“.
Американците треба „да ја задржат устата затворена и да се занимаваат првенствено со внатрешните работи“ ако сакаат „успешно да ги одржат“ претседателските избори, рече Квон Јонг Гун, генерален директор на одделот за прашања од областа на САД во министерството.
Изјавата уследи откако американскиот Стејт департмент соопшти дека е разочаран од одлуката на Северна Кореја во вторникот за прекинување на врските со Јужна Кореја.
„Ако Соединетите држави го гураат носот во туѓите прашањак со невнимателни изјави, наместо да се занимаваат со внатрешни работи во време кога нивната политичка состојба е во најтешка конфузија досега, тие би можеле да се соочат со засрамувачко нешто со кое ќе биде тешко да се справат“, рече Квон Јонг Гун во коментар што го пренесе КЦНА.
Не е јасно што треба да направи Северна Кореја за да ги наруши изборите или да предизвика проблеми за кампањата на американскиот претседател Доналд Трамп, рече Џејмс Ким од Институтот за политички студии Асан во Сеул.
Заканата од Северна Кореја е упатена два дена пред втората годишнина од историскиот самит меѓу лидерот на Северна Кореја Ким Џонг Ун и американскиот претседател Трамп во Сингапур.
Освен неговото симболично значење, оваа средба даде само една многу нејасна декларација за денуклеаризација на Корејскиот Полуостров.
Но, преговорите за денуклеаризација се мртво писмо по фијаското на вториот самит во февруари 2019 година во Ханој.
Американците имаат околу 28.500 војници трајно стационирани во Јужна Кореја за да го заштитат својот сојузник од заканата од Северна Кореја.
Пјонгјанг е под голем број санкции на Советот за безбедност заради своите нуклеарни и балистички програми.