Сезонците заминаа, на Македонија летово ќе ѝ фалат 15 илјади работници

од Vladimir Zorba
1,2K прегледи

И ова лето голем број млади заминаа на сезонска работа во соседните држави. Освен во Хрватска која е најатрактивна за сезонците поради повисоките плати и условите кои ги нуди, тука се и Црна Гора, Албанија, Грција и Бугарија. Платите на сезонските работници во овие земји се движат од 1.000 евра па нагоре и се повеќе од двојно повисоки од оние кои ги земаат во Македонија. Освен тоа, работата на море е особено атрактивна за младите кои ја комбинираат со летниот одмор.

Се проценува дека поради заминувањето на работниците на сезонска работа во странство ќе имаме недостаток од околу 15 илјади работници. Овој недостаток ќе го покриваме со увоз на работници од Непал, Бангладеш, Пакистан… каде платите се далеку пониски од нашите.

-Трендот за одење на сезонска работа на море, особено кај младите угостители продолжува. Најголем интерес има за Хрватска, но и за Црна Гора, Албанија, Грција, Бугарија…. И оваа сезона од крај на март до крај на октомври околу 15 илјади Македонци ќе бидат привремено работно ангажирани во Хрватска претежно во угостителството, но и во сервисните и услужните дејности. За жал, овој тренд ќе продолжи и во наредните години сè до моментот на изедначување на платите во Македонија со оние во соседните држави, велат од агенциите за посредување при вработување во странство.

На Хрватска оваа година ќе и бидат потребни околу 70.000 сезонски работници. Во земјата веќе се зголеми конкуренцијата за работници, со тоа што работодавачите нудат повисоки плати и подобри услови за работа во однос на соседните земји. Најплатени се готвачите кои заработуваат од 1.500 до 2.000 евра со работно искуство над 5 години, келнерите во просек заработуваат од 1.100 до 1.500 евра, одржување на соби од 950 до 1.400 евра и други услужни дејности околу 1.100 евра во просек.

И на Албанија летово ѝ требаат повеќе од 2.000 работници, готвачи, келнери, шанкери, хигиеничари, но и возачи, туристички водичи и менаџери.

-Македонците кои одат на сезонска работа во Албанија работат како келнери, шанкери, а има и собарки во хотелите. Платите во угостителството се за 20 отсто повисоки од македонските, пониски од оние што ги земаат сезонските работници во Хрватска, а на ниво на платите во Црна Гора и се движат од 800 до 1.000 евра, велат од агенциите за вработување во странство.

Во Грција, ситуацијата е слична, се проценува дека недостигаат дури 80.000 работници во секторот туризам и угостителство. Грчките власти се обидуваат да го решат проблемот преку законски и административни мерки, како што е легализацијата на околу 30.000 нерегистрирани мигранти и потпишувањето на билатерални договори со земји како Египет, Виетнам, Бангладеш и Индија за увоз на работна сила.

Б.С.

Слични содржини