Шилегов: Ќе го вратат украденото и ќе одговараат, следуваат темелни судски реформи

од desk2
114 прегледи

-„Новата реформска влада, веднаш по изборот ќе предложи продолжување на рокот во којшто Специјалното јавно обвинителство може да покренува обвиненија, за расчистување на скандалот со прислушувањето и понатамошна борба против корупција, криминал, злоупотреби на власта,“ изјави на прес-конференција портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.

Тој додаде дека „изборот на новата реформска влада значи крај за „сваровски“ судството.“

„Веднаш ќе ги донесеме измените на Законот за заштита на сведоци кои ги побара СЈО, за да овозможиме квалитетни истраги и одговорност за сите криминали и злоупотреби. Новата влада ќе обезбеди поширока поддршка и мнозинство за воведување на специјализирано одделение во судот, за постапување по предметите што се во надлежност на СЈО. Ќе има реформи на Судскиот совет, како и измени на Законот на судови заради воведување јасни критериуми за избор, напредување и разрешување на судиите,“ изјави Шилегов.

Тој додаде дека „квалитетот и ефикасноста на судиите ќе се мерат објективно, според бројот на решени предмети, бројот на обжалени пресуди, бројот на потврдени пресуди, причините за укинување на пресудите и времетраењето на судските постапки.“

„Ќе следуваат и темелни реформи во Јавното обвинителство. Затоа ги повикуваме сите вработени во јавните установи и правосудниот систем да бидат свесни за нивната одговорност и историскиот момент во кој живееме. Секој мора да ја работи својата работа професионално, неселективно и според законите и да не се става во заштита на криминалот и криминалците,“ додаде Шилегов./Мета