Град Скопје е подготвен да и им помогне на жителите на градот Измир и на сите населени места кои денеска беа погодени од силен земјотрес.
„Само што ја добивме веста дека градот Измир, Република Турција и неколку грчки острови се погодени од силен земјотрес. Скопје и скопјани длабоко сочувствуваат со сите луѓе погодени од оваа природна непогода.
Скопје, како град на солидарноста, е подготвен да помогне на жителите на градот Измир и на сите населени места да ги ублажат последиците од катастрофата, доколку има потреба од тоа“, напиша на Фејсбук градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.
Земјотрес со јачина од 7 степени по Рихтер денеска ја стресе областа околу грчкиот остров Самос, островите Додеканез и дел од Турција.
Според грчкиот весник „Екатимерини“, долготрајниот потрес се почувствувал низ цела Грција и сè до Истанбул.
Првиот земјотрес беше проследен со уште три со јачина од 4,1, 4,2 и 4,8 степени.
Локалните медиуми јавуваат за оштетување на зградите и патиштата, додека извештаите од Турција јавуваат дека неколку згради во крајбрежниот град Измир се срушиле поради земјотресот.
Едно од видеата објавени на Твитер и покажува уривање на цела зграда.