Во збунувачкиот период по хаотичниот референдум за независност на Каталонија, претседателот на каталонската регионална влада, Карлес Пучдемон, сакаше преку леб да добие погача. Неговиот долгоочекуван говор во регионалниот парламент, во кој тој вети дека ќе ја прогласи независноста од Шпанија, заврши како еден нејасен обид да ги смири неговите радикални националистички сојузници, односно Партијата за независност на Каталонија (КУП), без понатаму да ја отуѓи централната влада во Мадрид. Тој не оствари ниту една од целите.

Пучдемон прогласи каталонска држава „во форма на република“. Но тој веднаш го „суспендира“ прогласувањето за да остави простор за преговори со шпанската влада. За шпанската влада, ваквото обраќање на Пучдемон беше индиректно прогласување на независност, а за нестрпливата КУП, беше момент на недопустливо предавство. Сега се големи шансите дека централната влада ќе се повика на членот 155 од шпанскиот Устав според кој може да преземе директна контрола врз Каталонија, чекор што несомнено може да предизвика поголемо граѓанско незадоволство во регионот.
Од историски аспект, независноста на една нација обично се постигнувала преку насилен, па дури и катаклизмичен процес на деколонизација. Новите држави речиси без исклучок беа создадени со крвопролевање, жртви и со загуби. Во случајот со поранешна Југославија, независните држави беа создадени преку граѓански војни и дури геноцид. Заробените нации исто така си го повратија суверенитетот преку распад на државата и империјален колапс. Пријателските растурање, како она на Чехословачка или на Норвешка и Шведска, е реткост во историјата, без разлика колку и да е за пофалба. На каталонскиот обид за независност, како што најверојатно веќе знае Пучдемон, му недостига убедлив револуционерен елан што е карактеристичен за насилните национални движења низ историјата. Вистински и понекогаш замислени неправди можат да ја објаснат неодамнешната националистичка плима во Каталонија. Но проектот за независност главно ги одразува екстравагантните соништа на каталонската елита за грандиозност и презир кон наводно инфериорните Шпанци. Тие елити треба сега да се запрашаат дали нивното гласачко тело од средната класа може да ги издржи блокадите, масовниот одлив на капитал (што веќе се случува), падот во животниот стандард и непријателството помеѓу Шпанија и Европа.
Во Ирак, Курдите ги базираа своите барања за независност на правото дека ирачката држава е угнетувачка и дека пропаѓа. Но Каталонија не е угнетена нација, а Шпанија не е пропадната држава. Повикувањето на долготрајната диктатура на Франциско Франко, која траеше четири децении, е само еден слаб обид да се прикријат економските претензии на сепаратистите, како и преувеличеното чувство на културна супериорност.
Западот не ја поддржува независноста на Курдите од истата причина што нема да ја поддржи и независноста на Каталонија. Исто како што Шпанија не е окупторска сила во Каталонија, така Западот не ги смета земјите што сакаат да ја спречат независноста на Курдите, односно Турција, Ирак, Сирија и Иран, за вистински колонијални сили. Спротивно на тоа, каузата за палестинската независност има голема поддршка во светот, токму затоа што Израел се смета за последната западна колонијална сила во арапските држави.
Ваквите перцепции значат, затоа што она што честопати ја запечатува судбината на независните држави е одговорот на државите од трети земји. Незамисливо е дека некоја европска држава би видела политичка предност би ја олеснила каталонската независност што би можело да предизвика отуѓување на клучни членки на ЕУ и да поттикне безброј националистички движења во ЕУ и во соседните држави.
Каталонија има законски конфликт со шпанската влада за финансиите и за автономијата. Но иако Владата во Мадрид можеше попаметно да се справи со каталонскиот конфликт така што ќе го решеше политички, а не само правно, тогаш конфликтот немаше да ја оправда независноста.
„Каталонскиот диференцијален факт“ е историска реалност и заслужува соодветно да му се пристапи. Сепак упорниот чекор кон независноста најмногу е поттикнат од возбудата и импулсивноста во одговорите на некои од каталонските лидери. Во ниеден момент претходно или по референдумот за независност некој од нив не понуди јасно објаснување зошто е потребно каталонската држава да се одвои и како ќе изгледа тоа.
Дали република Каталонија ќе има сопствени оружени сили? Дали нејзината национална валута ќе го замени еврото? Како може да ја убеди Шпанија и другите членки на ЕУ да не стават вето на нејзиното пристапување во блокот? Кои држави ќе ризикуваат да ги нарушат односите со Шпанија доколку ја признаат изолираната каталонска држава?
Нациите не можат да постигнат независност ако не се целосно обединети за таа цел. Каталонија сега е речиси еднакво поделена во однос на прашањето на начин што не е забележан уште од Шпанската граѓанска војна. Само 43 отсто од населението во Каталонија гласаше на референдумот, кој дури градоначалничката на Барселона, како поддржувачка на државноста, го сметаше за спорен затоа што претставува основа за еднострано прогласување на независност. Секој недаден глас може законски да се смета за протест против референдумот и наедно глас за останување во рамките на Шпанија.
Колау е во право. Да се каже дека референдумот дал јасен победник и прогласувањето на независноста да се базира на тој глас е искривување на здравиот разум и на демократските норми што би можеле да ја оцрнат родената држава како едно крајно незаконско претпријатие. Слични силни внатрешни поделби го осудија на пропаст обидот за независност на Квебек, како и оној на Шкотска. Дури и конфедерациските лидери во времето на Американската граѓанска војна сфатија дека ако народот не беше целосно обединет во барањето за независност, робовладетелската држава ќе беше осудена на пропаст.
Радикалното преструктурирање на политичкото и уставното статус кво на Шпанија одамна е потребно, а целата држава би станала посилна ако реформите спроведени како одговор на каталонската криза можат да помогнат да се ослободат енергиите на една од најразлични нации во Европа. Но сега не е време за ограничени умови и визии. Малигните ефекти на денешните политики на идентитет не треба да дозволат да се распарчи шпанското општество на начин како што сторија идеолошките политики пред 80 години./Нова Македонија
Бен-Ами е бивш министер за надворешни работи на Израел, а актуелно е потпретседател на меѓународниот центар за мир „Толедо“