Украина во моментов не треба да добие крстосувачки ракети Таурус од Германија, изјави канцеларот Олаф Шолц и објасни дека во спротивно Германија ризикува да биде вмешана во војната.
„Во ниту еден случај и никаде не смееме да бидеме поврзани со целите што овој (ракетен) систем може да ги погоди“, рече Шолц за време на гостувањето на уредувачката конференција на германската новинска агенција dpa.
„Неопходно е да бидам волку јасен. Изненаден сум што некои луѓе воопшто не го менуваат ставот по ова прашање и не размислуваат дали тоа што го правиме во одредена смисла може да доведе до учество во војната“, навел германскиот канцелар, пренесува „Дојче веле“.
Таурус е една од најмодерните ракети на германското воздухопловство.
Ова прецизно оружје може да погоди цели на оддалеченост до 500 километри. Москва се наоѓа во тој радиус од руско-украинската граница. Украинската влада уште во мај минатата година побара испорака на германски крстосувачки ракети со цел да ги искористи за да ја таргетира руската логистика далеку зад линијата на фронтот.