Штипјанецот што ја убил мајка си при вршење семејно насилство, за што полицијата информираше претпладнево, при грозоморниот чин бил многу пијан, но сепак свесен што прави, соопшти Јавното обвинителство попладнево.
Основното јавно обвинителство Штип донело Наредба за спроведување истражна постапка против убиецот. Тој ја прободел мајка си во вратот со ловечки нож.
Рано утрово, во семејниот дом на улицата „Страшо Пинџур“ во Штип, осомничениот 54-годишник, при вршење семејно насилство, ја лишил од живот сопствената мајка, родена во 1941 година. Бил пијан, но свесен.
По грозоморниот чин, се јавил на бројот за итни ситуации 112 и пријавил што сторил.
„Делото го извршил по претходна вербална расправија, под дејство на алкохол од 2.43 грам промили во крвта, но бил свесен за стореното. Откако со ловечки нож и нанел убодна рана во пределот на вратот од која жртвата искрварила до смрт, настанот самиот го пријавил на телефонскиот број за итни случаи 112“, информира Обвинителството.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Штип достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.