Што ги очекува помалите партии кои се „прешалтаа“ кон опозицијата: „Доколку ВМРО-ДПМНЕ формира влада, опортунистите ќе биде елегантно елиминирани од тековите“

од Nikola Popovski
576 прегледи

Помалите партии кои беа дел од власта не ја продолжуваат соработката со владеачката коалиција и најавија нова соработка во пресрет на двојните избори. Оттаму Достоинство на Стојанче Ангелов, ДС на Павле Трајанов и Обединети за Македонија Љубе Бошковски, ќе се „прешалтаат“ со ВМРО-ДПМНЕ. За дел од нив приклучувањето кон сегашната опозиција е чисто поради идеолошки причини, додека други добиле ветувања кои според нив, СДСМ не ги исполнил. Во целата слика, помалите партии немаат реални шанси да испиваат на површина и да освојат повеќе пратеници, затоа им е важно да влезат во коалиција со посилен партнер и да освојат пратеничко или евентуално министерско или директорско место.

За аналитичарите, но и за граѓаните одамна нема изненадувања во коалицирањето на одредени партии. Според политичкиот аналитичар, Иво Ранѓеловиќ, помалите партии се повеќе се повикуваат на опортунизам отколку некакви идеали и идеологии. Оттаму вели дека не е изненаден од ваквото предизборно прегрупирање.

Иво Ранѓеловиќ

-Сепак, чесно е да се каже дека сите овие партии имале доволно време господски да ја напуштат актуелната власт со концизни причини, а не кога тоне бродот. Нивниот кредибилитет, ако воопшто го имале е маргинализиран и со реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ која ги прифаќа со раширени раце, но врзани очи – надвор од избирачките листи и потенцијални високи функции при евентуална власт, истакнува Ранѓеловиќ во разговор за „Локално“.

Од ова произлегува дека коалицијата на СДСМ веќе не е привлечна, на што Ранѓеловиќ објаснува дека владеачката партија помина еден исклучително тежок мандат на владеење во кој мораше да се донесат тешки одлуки.

-Не мислам дека тоа е клучно за топењето на привлечноста колку што беше неуспехот во спроведување на правдата кон поранешните функционери од ВМРО-ДПМНЕ и шурувањето со нив, општата корупција, како и сервилноста кон албанскиот фактор генерално, односно кон ДУИ конкретно, смета аналитичарот.

Според него, целта на Христијан Мицкоски со привлекувањето на помалите партии е да се обедини политичкото месо против власта, без разлика на тоа која партија колку тежи, односно „да се разводни монополизирањето на приоритетите на СДСМ (Европа, Европа, Европа…), да се покаже дека еве и помалите партии кој се залагаат за интегративните процеси сакаат да коалицираат со ВМРО-ДПМНЕ. Вели дека во ова нема ништо спорно.

-Доколку ВМРО-ДПМНЕ издвои голема победа и формира влада, овие помали партии-опортунисти ќе биде елегантно елиминирани од тековите на истата. Дали тоа ќе биде со фрлање коска преку, условно кажано, неважна позиција или пак тотално запоставување, ќе видиме. Не верувам во додадена вредност, особено од партии кои веќе сме ги сведочеле на власт, смета Ранѓеловиќ и додава:

-Се додека ние гласачите им го овозможуваме тој луксуз со тоа што гласаме за нив, „пајтон партиите“ ќе владеат со оваа држава. Покрај тоа, фотељата е дел од менталниот склоп на ова општество, проектиран преку политичката, па и општествената култура.

Петар Арсовски

И политикологот Петар Арсовски се согласува дека помалите партии повеќе се водат од политичкиот прагматизам отколку од нивното гласачко тело. Според него, во основа, кај нив гласачкото тело е врзано за некоја стриктна идеологија, како кај Достоинство бидејќи се работи за поранешни припадници на безбедносните сили – тие се врзани на друг начин или како кај Демократскиот сојуз или другите помалу партии преку директен клиентилизам.

-Во таа смисла, се работи за тргување со политичко влијание и поддршка, а не за некаква автентична идеолошка промена на матрица. Тоа е сигнал дека овие партии сметаат дека коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ има пол-позиција за победник на изборите, вели соговорникот во разговор за „Локално“.

На прашањето која е целта на лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски со нивното привлекување, кога е познат нивниот рејтинг кај гласачите, Арсовски оценува дека се работи за приказна за окрупнување на опозицискиот фронт.

-Мицкоски нема да направи никаква промена во изборниот резултат со привлекување на овие партии, но ќе создаде атмосфера на т.н. опозициско цунами, посочува политикологот, додавајќи дека многу тешко е да се искорени состојбата со „пајтон партиите“.

-Тоа е тешка борба. Можеби со промената на изборниот модел и воведување на некаков цензус по кој процент партиите не можат да учествуваат, но без промена, многу би било тешко, заклучува политикологот.

Н.П.

Слични содржини