„Што има градоначалникот, а го немаат вицепремиерот и пратеникот“ – зошто сите се тепаат за локална власт?

Локалните избори покажаа дека функцијата градоначалник се доживува како поатрактивна и поисплатлива од пратеничката. Зошто е тоа така?

од Vladimir Zorba
44 прегледи Фото: Фејсбук/Принтскрин

По овие локални избори, дел од клучните луѓе во централната власт седнаа во градоначалнички фотелји.

Изет Меџити, кој до вчера беше вицепремиер, сега ја води Општина Чаир. Тројцата пратеници од ВМРО-ДПМНЕ – Јане Мицевски, Бети Стаменкоска Трајкоска и Дејан Проданоски, ги преземаа Сопиште, Кисела Вода и Прилеп.

Од удобните фотелји во Собранието, тие се упатија право на локалните улици и во општинските канцеларии. И тоа, како што велат дел од аналитичарите, не е случајно.

Прашањето што природно се поставува е зошто луѓе со силни позиции во парламентот или во Владата решаваат да станат градоначалници? Зошто политичари што се на врвот на пирамидата се спуштаат неколку скали пониско? И што тоа кажува за самата политичка архитектура во земјава?!
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, го допре токму тој нерв.

– Ако има граница во парламентарните системи, кај претседателите со церемонијални функции, тогаш кај нас системот на локална самоуправа се квалификува како квази претседателски, со многу силни ингеренции на градоначалниците – рече таа.

Оттука, додаде претседателката, нешто што е невообичаено, министри, пратеници, се одлучуваат да конкурираат за градоначалничка функција.
– Со други зборови, локалната власт, кај нас, станала попривлечна и помоќна од она што би требало да биде врвна државна функција – истакна Сиљановска-Давкова.

Еден од поранешните пратеници, сега избран градоначалник, неформално објаснува дека во општината, барем, „се гледа резултатот“.

– Во парламентот зборуваш, гласаш, а ништо не менуваш. Во општина, направи улица, направи парк, и луѓето веднаш гледаат дека нешто си направил. Плус, таму имаш свои пари, своја администрација, своја одлука, нема над тебе министер, партиски шеф или коалициски партнер“, вели тој, без многу дипломатски фрази.

Политички експерти забележуваат дека ваквите премини ја откриваат слабата вертикала на институционална одговорност.

Фото: Принтскрин/Јутјуб/Канал 5

Кога пратеник ќе стане градоначалник, никој не бара отчет што се случува со неговото место во Собранието, кој ќе го замени, што ќе биде со обврските кон избирачите.

– Кај нас одговорноста е еластична категорија. Ниту оставка се бара, ниту санкција има. Сè е во рамките на политичкиот комодитет – коментираат аналитичарите.

Во овој контекст, изборите покажаа и нешто друго: дека функцијата градоначалник не само што носи моќ, туку носи и лична безбедност во политичка смисла.

Локалната позиција, со директен контакт со гласачите, е многу посигурна од нестабилната клупа во парламентот каде што се менуваат коалиции и ветувања.

Меџити, кој до вчера беше дел од извршната власт, сега ќе се соочи со секојдневните проблеми на Чаир. Иронијата е што во земја во која се зборува за децентрализација, токму централната политика бега кон локалната.

Таму каде што, како што велат многумина, „се чувствува реалната власт“.

И така, циклусот се повторува, министри стануваат градоначалници, пратеници стануваат општинари, а граѓаните… пак бараат кој ќе им ја крпи улицата.

Б.Т.