Што ќе ѝ донесе на Македонија унгарското претседателство со ЕУ: „Орбан може да биде активен чинител и да ги помести работите, но многу зависи од нас овде“

од Nikola Popovski
587 прегледи

Претседателството на Унгарија со Европската унија под мотото „Да ја направиме Европа повторно голема“ го враќа проширувањето меѓу приоритетите. Унгарија, како претседавач, ќе се залага за доследна и заснована на заслуги политика на проширување оти ЕУ не може да биде целосна без прием на државите од Западниот Балкан.

За време на унгарското претседателство земјите од регионот ќе бидат канети на консултации во рамки на самитот на ЕУ-Западен Балкан, и ќе се одржат меѓувладини конференции со кандидатите. Унгарија смета дека основен интерес на унијата е да се одржи стабилноста на непосредното соседство и Западниот Балкан, во догледна иднина да се приклучи на ЕУ. Останатите шест приоритети на унгарското претседателство се однесуваат на новиот европски договор за конкурентност, зајакнување на европската одбранбена политика, спречување илегална миграција, регионален развој, земјоделска политика ориентирана кон земјоделците и решавање на демографските предизвици.

Каде е Македонија во „замислите“ на Унгарија? 

Додека од Будимпешта најавуваат промени под новиот слоган, без разлика колку пораката на Орбан ја радува јавноста во Македонија, дел од експертите се скептични. Малкумина веруваат во отстапување од официјалниот дискурс на ЕУ во следните шест месеци. Извршниот директор на Институтот „Преспа“, Андреја Стојковски смета дека Преговарачката рамка за С. Македонија е усвоена од страна на Европскиот Совет уште во 2022 година.

Андреја Стојковски

Според него, согласно т.н. француски предлог и согласно преговарачката рамка, Северна Македонија ги започна преговорите.

-Закажувањето на втората меѓувладина конференција и отворањето на првиот кластер зависи, меѓутоа, од уставните амандмани и спроведувањето на преговарачката рамка. Унгарија може да стори многу околу отворањето на првиот кластер. Можат, на пример, да ѝ објаснат на „проинтеграциски ориентираната влада“ дека за Преговарачката рамка нема повторно да се преговара. Исто така, можат да ѝ објаснат дека брзината на процесот зависи од она што државата и големото владино „проинтеграциски ориентирано“ мнозинство можат да го сторат за усвојување на уставните амандмани, вели Стојковски во разговор за „Локално“.

Конечно, додава тој, можат да ѝ покажат дека преговорите за сите држави ќе можат да напредуваат и ќе ја постигнеме посакуваната цел, Западен Балкан во ЕУ до 2030 година, само со целосна посветеност на обете страни.

-Оттаму, Унгарија може да биде активен чинител и да ги помести работите, но, многу, огромно многу зависи од нас, овде, дециден е Стојковски.

Со соговорникот поразговаравме и околу исходот на изборите во Франција и победата на крајнодесничарската партија Национален собир на Марин Ле Пен. На прашањето дали се очекува промена во односот кон Западен Балкан, конратко кон Македонија, Стојковски вели дека потресот кој би го направила победата ќе има ефект врз целата Унија, не само врз Франција. Примерот на такви влади и нивниот ефект врз демократските институции го имавме на своја кожа пред само 8 години. истакнува Стојковски.

Вели дека го видовме во САД, а го гледаме секојдневно веќе подолго време во соседна Србија.

-Сепак, јас би почекал до конечното завршување на изборите и вториот круг пред да се зборува бидејќи видовме радување на страната на Националниот фронт, но видовме и мобилизација на спротивната страна и повик „ниту еден глас повеќе за ултра десничарите, објаснува директорот на Институтот „Преспа“.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан оцени дека проширувањето на Европската Унија кон земјите од Западен Балкан е запрено, истакнувајќи дека на европскиот блок му се потребни нови држави-членки и нивниот економски замав повеќе од кога било досега.

-Проширувањето на Европската Унија кон земјите од Западен Балкан е запрено. Само херојската борба на унгарскиот комесар за проширување (Оливер Вархеји) донесе одреден напредок. Бриселските демократи несомнено се успешни во една работа – ослабнувањето на националните држави и зголемувањето на сопствената моќ. Оваа елита во нас буди сеќавања на комунистите. Нивниот моментален идеал е токсичната зелена политика, напиша унгарскиот премиер во авторски текст за дневниот весник „Маѓар Немзет“.

Орбан вели дека луѓето во ЕУ гласале за промени, но дека „бриселската елита ги изневерила“. Според него, Унгарија ќе продолжи да соработува со европските десничарски партии, и покрај провоениот пакт.

Пред неколку дена и шефот на унгарската дипломатија, Петер Сијарто изјави дека за време на претседавањето на Унгарија со ЕУ ќе се забрза проширувањето на Унијата на Западен Балкан и најави одржување на меѓувладини преговори со сите пет земји кандидатки од регионот.

-Унгарија ќе се стреми и ќе почне конкретни преговори со новата, силно про-интеграциска ориентирана влада на Северна Македонија – посочи Сијарто на денешната конференцијата на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) во Париз.

Тој наведе дека со Србија ќе се отворат нови поглавја од претпристапните преговори, додека со Црна Гора се планира да се затворат барем седум поглавја. Додека со Албанија се предвидува да се отворат првите поглавја, а со Босна и Херцеговина да се усвои преговарачката рамка.

Н.П.

Слични содржини