Првите денови на Доналд Трамп како претседател на САД ќе имаат големо симболично значење. Тој сака да им покаже на гласачите дека е сериозен за својата работа. Истовремено ја демонстрира моќта на Америка во странство, пишува ДВ.
Употреба на претседателски извршни наредби
За да ги забрза работите, Доналд Трамп ќе се потпре на употребата на претседателски наредби или декрети. Тоа се директиви издадени од претседателот. Овие наредби го заобиколуваат Конгресот и можат да опфатат низа прашања како што се националната безбедност, надворешната политика и регулаторните прашања. Купот од овие уредби се очекува да биде подготвен за неговото потпишување на 20-ти јануари.
Во телевизиско интервју за емисијата „Запознајте го печатот“ на 8 декември, Трамп потврди дека ќе потпише „многу“ извршни наредби на првиот ден од функцијата како нов претседател на САД и дека тие ќе се однесуваат на економијата, енергија и што е најважно, границата со Мексико.
Сепак, декретите не се огромни овластувања и можат да се користат само за насочување на активностите од извршната власт кон другите нивоа на власта, вели Ден Малинсон, вонреден професор по политички науки на Универзитетот Пен Стејт Харисбург во Пенсилванија. Тие се со широк опсег, како ветувањето на Трамп за затворање на границата со Мексико, а некои ќе предизвикаат бавно одлучување и регулаторни процеси кои би можеле да траат со години.
Имиграција и масовни депортации
Од неговото доаѓање на политичката сцена, Трамп е опседнат со мексиканската граница и луѓето кои ја минуваат за да влезат во САД. Во својот прв мандат сакаше да го доврши ѕидот меѓу двете земји и да го натера Мексико да плати за тоа.
Четири години подоцна, запирање на нерегуларната миграција преку обезбедување на границите на САД беше едно од главните прашања што му донесе реизбор на Трамп.
За оние кои се илегално во САД, Трамп повика на најголемата масовна депортација во историјата на САД, фокусирајќи се прво на криминалците, а потоа на другите мигранти без документи.
Без оглед на овој план, овие извршни наредби за забрзување на депортациите ќе бидат предизвик за спроведување, бидејќи бараат време и поддршка од локалните и државните агенции, што значи дека ќе се соочат со правни предизвици.
Покрај борбата против нерегуларната миграција, Трамп најверојатно повторно ќе ја забави легалната миграција, вклучително и да го отежне добивањето работни дозволи, зелените картони и визи и да ги поскапи. Ова може да влијае на доаѓањето на квалификувани работници и студенти.
Трамп во „Meet the Press“ потврди дека укинувањето на државјанството со право на раѓање било негов приоритет од самиот почеток, можеби со извршна наредба.
„Ќе ставиме крај затоа што е апсурдно“, рече тој.
Ова би можело да биде тешко, бидејќи принципот дека секој човек роден на тлото на САД е американски државјанин е содржан во Уставот на САД.
Закана за царини за увезена стока
Трговијата е уште една област што добива големо внимание од Трамп. Неодамна тој предложи да се наметне царина од 10 отсто за се што влегува во САД. Мексико, Канада и Кина, најголемите трговски партнери на САД, ќе бидат погодени со уште повисоки царини.
„Сè уште не е јасно до кој степен тоа ќе се случи и дали заканата од царини се користи за да се принудат одредени земји на трговски преговори“, рече Малинсон. Сепак, врз основа на неговата досегашна практика, се верува дека Трамп ќе воведе некои нови царини.
Иако претседателот има овластување да наметнува царини за одредени категории увезени стоки, воведувањето на општа тарифа за сите стоки би било покомплексно. Ваквиот потег би предизвикал хаос и би бил оспорен на суд.
Покрај тоа, тарифите би можеле да ги влошат домашните проблеми. „Гневот поради инфлацијата му помогна на Трамп да победи на изборите, но тој може брзо да ја изгуби јавната наклонетост ако неговата економска политика доведе до повисоки цени или ја ослабне економијата“, вели Малинсон.
Напуштање на Парискиот климатски договор
Иако животната средина е помалку важна за американските гласачи отколку економијата или миграцијата, Трамп сè уште ја таргетира оваа тема.
За време на неговиот прв претседателски мандат, тој ги повлече САД од Парискиот договор, чија цел е да се намалат емисиите на јаглерод диоксид за борба против климатските промени. Џо Бајден ја поништи таа одлука и повторно се приклучи на договорот уште на првиот ден како претседател.
Сега, повторувајќи ја фразата „Буши, само буши“, Трамп вети дека ќе ја прошири експлоатацијата на сурова нафта. Со фокус на фракингот и фосилните горива, не би било изненадување ако тој повторно ги повлече САД од климатскиот договор – што би можело да биде еден од неговите први официјални потези.
Трамп покажа непочитување кон ветерната енергија и електричните возила. Овој скептицизам може да доведе до други декрети кои ја поткопуваат заштитата на животната средина и ги забавуваат проектите за обновливи извори на енергија.
Помилување за осудените демонстранти во Капитол
Помилувањата, алатка која му дава на претседателот овластување да помилува лица осудени за злосторства или да ги прекине затворските казни, може да се користи и на првиот ден.
Трамп јасно стави до знаење дека може да ги помилува повеќето од неколкуте стотици луѓе осудени за нападот во Капитол на 6 јануари 2021 година „Веројатно ќе го сторам тоа многу наскоро“, потврди тој за „Meet the Press“, велејќи дека тоа ќе биде приоритет на првиот ден, дури и ако осудените се изјасниле за виновни за кривични дела како што се напад на полициски службеници. Тој нагласи дека „немале друг избор освен да ја признаат вината“.
Дали Трамп ќе се обиде да се помилува и самиот себе, останува отворено прашање.
На крајот, само тимот на Трамп знае што се планира за првите денови од неговиот втор мандат. Но, тој ќе мора да дејствува брзо, бидејќи изборите на средината од неговиот мандат (за две години) би можеле да стават крај на републиканското мнозинство во Сенатот или Претставничкиот дом.
„Трамп не може да се кандидира повторно во 2028 година, така што сè што сака да постигне мора да се направи во еден мандат“, заклучува Малинсон.