До редовните парламентарни избори во земјава има речиси година дена, а веќе почнуваат математиките за тоа кој со кого и како би коалицирал. БЕСА и Алтернатива денеска договорија политичка соработка, што може да се карактеризира како нов коалициски фронт. Лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари синоќа истакна дека е можен проевропски фронт меѓу албанските партии, потенцирајќи дека не е добро СДСМ да оди на една листа со албанските партии. „Со СДСМ не дека не сме го разговарале, но мислам дека е подобро е да си оди сам, ако биде една европска коалиција, ќе и штети на СДСМ, затоа што ВМРО-ДПМНЕ ќе оди со кампања за Албанците или Македонците“, оценува Таравари и додава дека на тој начин партијата од „Бихаќка“ може да загуби гласови.
Се поставува прашањето која би била најдобра предизборна тактика за СДСМ. Според политичкиот аналитичар, Ненад Јовановиќ ваквите изјави на Таравари треба да се земе со резерва, бидејќи тргнува од тезата „сите албански партии се проевропски“. Јовановиќ во разговор за „Локално“ вели „од каде може Таравари да знае и да зборува од името на сите алабански партии?“.
-Тука му паѓа во вода првиот „смут“ или „спин“. Потоа вели: „може да се случи БЕСА, Алијанса и ДУИ да бидат заедно на изборите“. Го знаете оној виц – не сум доктор, ама може да погледам. И сега да бидам сосема отворен, не, не верувам дека таков албански блок е возможен, прво, затоа што ДУИ денес е во коалиција со СДСМ, а и не само што е во коалиција со СДСМ, туку официјален Брисел и официјален Вашингтон, барем од она што можев да го прочитам од медиумите – инсистираат на оваа коалиција бидејќи процениле дека стабилноста, одржливоста и економската благосостојба за граѓаните може да дојде единствено од овој тандем. И второ, останатите играчи на политичката сцена во земјава, за големите сили, се некредибилни и неверодостојни партнери, не само за дома, туку се некредибилни и во поширокиот геополитички контекст, оценува соговорникот.
Како што истакнува, сега се поставува прашањето зошто СДСМ и ДУИ во пакет се кредибилни за Брисел и Вашингтон, а останатите не се.
-Има многу причини. Имено, најпрво сакам да ви кажам дека јас немам никаков интерес да ве лажам, да спинувам или да ви правам некакви смутови како што тоа го прави, да речеме, Таравари. Второ, јас не можам да предвидам кој со кого може да коалицира пред изборите, јас можам само да ви кажам што мислам дека е добро за оваа земја: добро за оваа земја е да продолжи „Европскиот блок“ за кој заговара СДСМ и Ковачевски. А тоа значи широка платформа за извлекување од „балканската кал“ и зачекорување кон Еевропската и западната цивилизација. Единствена реална и проевропска сила во земјата се СДСМ и ДУИ, и тоа според овој редослед, со сите останати сили кои ќе им се приклучат на тој пат, образложува Јовановиќ.
Дециден е дека за нас нема лесно решение.
-Нашиот пат до Европа е тежок. Ако се потпирате на другите, антиевропски сили, а тука пред се’ мислам на Мицкоски, Апасиев и останатите партии кои мешетарат околу „опозициониот базен“, верувајте ми на збор дека тие сили оваа земја ќе ја нокаутираат. Пред се’ ќе ги нокаутираат граѓаните, а потоа и институциите. Едноставно таква е нивната политичка феноменологија. Вие може мене да ми речете дека јас гледам премногу мрачно, и тоа не е работа на мојот песимизам, и би додал, тоа е работа на мојата интелектуална чесност. Ако некој мисли дека Апасиев, Мицкоски и останатите опозициони мешетари ќе го продолжат Европскиот пат, со плус некоја албанска партија, морам да ви кажам дека таквиот живее во некаков меур од сапуница кој нема врска со реалноста. Работите се толку поделени и фрагментира во ова општество што нашата стуација е доведена во состојба на или-или. Или кон Европа или повторно пад во варварство, анализира Јовановиќ, давајќи свое видување за политичката ситуација во земјава.
Околу отварањето на Уставот и внесувањето на Бугарите, аналитичарот смета дека таа работа е завршена и е прашање на техникалија.
-Прашањето на внесување на Бугарите во Уставот, според мене, не е прашање за политичките партии, туку тоа е прашање за устројството на државата Северна Македонија: дали ќе бидеме безнадежна подсахарска држава во која татнат култови на племиња или ќе бидеме нормална, просперитетна, цивилизирана држава која стабилно и мирно чекори на Европскиот пат. Ова што сега ви го говорам, верувајте ми на збор, Вашингтон и Брисел многу добро го знаат. И од таа траса мрдање нема да има ниту за милиметар, заклучува Јовановиќ.
Н.П.