Што ли му се случува со Скопски пазар?

од Vladimir Zorba
182 прегледи

 

Скопски пазар, синонимот за маркети и пазари во Скопје и некогашен првенец во својата област, изминативе месеци ги затвори своите СП-маркети и го издава или продава просторот. На веб-страницата на компанијата се објавени огласи за издавање или продажба на атрактивните локали, не само во Скопје, туку и низ другите градови. Последниот таков оглас е објавен на почетокот на февруари, а претходно имало неколку и низ 2017 година.

СП некогаш беше важен играч во трговскиот бизнис, но последниве години потклекна во борбата со жестоката конкуренција. Трговијата на мало во земјава е постојано во пораст – според Државниот завод за статистика, прометот со храна, пијалаци и тутун пораснал за 5.1% во декември 2017 година, во споредба со истиот месец лани. Најголемите ланци маркети – Тинекс, Веро и Рамстор бележат годишни приходи и до 100 милиони евра, а на пазарот постојано се појавуваат нови конкуренти кои бараат свој дел од примамливиот трговски колач.

Во ваква ситуација, Скопски пазар очигледно се решава да се ослободи од дел од имотот, најверојатно поттикнат од својата неконкуретност на пазарот.

Во атрактивниот комплекс на компанијата кај пазарчето скопската населба Тафталиџе, некогашниот СП маркет е затворен и заграден. Тој простор најверојатно има нов сопственик. Во огласите на сајтот на Скопски пазар го нема овој можеби најголем маркет на компанијата.

Неодамна беше затворен и маркетот на Скопски пазар во населбата Мичурин. Деновиве таму сè уште стојат ознаките на компанијата, а внатре се оставени рафтовите со некои производи. Пребарувајќи по огласите, наидовме на локалот со големина од 120 квадрати и се издава за 52.000 денари месечна кирија. Ако направите обиколка низ градот, забележително е дека слично се случува и со сите други СП и Макси-Д маркети.

Фирмата продава и издава свои локали и во Битола, Кавадарци, Ресен и Охрид, па очигледно е дека се работи за операција од поголем размер. Од официјалните податоци на Македонска берза се гледа дека компанијата на почетокот на годинава известила дека затвора 10 маркети, а од СП за некои медиуми потврдиле дека маркетите се издаваат на довчерашните конкуренти Кит-го и ЗУР.

Веќе се појави информација во јавноста дека актуелното раководство на фирмата, предводено од Сашо Давитковски, наводно планира парите од продажбите и рентите да ги искористи за реновирање на Бит-пазар во Скопје. Сепак, дел од вработените во СП велат дека ова раководство веќе 10 години го најавува истото, но тоа никогаш не се исполнило и многупати претходно биле извисени и акционерите и вработените, но и пазарџиите. Ако компанијата беше успешна, логично ќе беше од свои средства, од профитот, да инвестира во нов пазар, а не за таквата инвестиција да го распродава имотот, велат вработените.

Давитковски вели дека продажбата и изнајмувањето на имотот не се поврзани со најавите за нови инвестиции.

„Не можам сега да откривам како ќе го градиме пазарот, од кои средства, но си имаме начини и извори како тоа да го направиме. Не знам зошто мора да се поврзува продажбата на имотот на СП со новата инвестиција. Продажбата на маркетите и нивното затворање се должи на политиката на компанијата која процени дека има штети во секторот трговија и затоа пристапивме кон тоа. Но, голем дел од маркетите ги презедоа трговски компании и ги презедоа нашите вработени. Така што тој дел си е едно, а ова со пазарот е друго. “

Дека идејата за изградбана нов Бит-пазар ќе се соочи со потешкотии, потврдуваат и поднесените приговори од сопственици на продавници на Бит Пазар во општина Чаир против дозволата за градба, оти никако не е решен статусот на овие дуќанџии  – како ќе заработуваат плата додека пазарот се гради.

„Реакцијата на сопствениците мислам дека е под нечие влијание затоа што тие имаа можност да реагираат кога ние имавме јавна презентација на проектот. Сега можеме да излеземе во пресрет со тоа што пазарот наместо наеднаш, да го градиме во четири дела, па така делови од него да останат да функционираат. Има многу шпекулации кои стигаат до пазарџиите и тие се исплашени,“ вели Давитковски.

Инаку, Скопски пазар го отворил својот прв супермаркет во Скопје во 1998 година. Четири години подоцна, во 2002 година следува пререгистрација – сопственоста од мешовита преминува во приватна. По ова, следуваат неколкуте успешни години на компанијата во кои се шири и освојува свое место на пазарот, како со изградба на деловни центри, така и со отворање големи маркети, но и дисконти низ државата.

Така е се до пред неколку години, кога компанијата почна да бележи пад на добивката, да ги затвора маркетите и да го намалува бројот на вработените, за да стигне до денешната состојба, кога повеќе не управува со ниту еден од 15-те некогашни маркети во Скопје.