Што може да се очекува од состанокот во САД меѓу Тачи и Вучиќ?

од Nikola Popovski
268 прегледи

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ и претседателот на Косово, Хашим Тачи, треба да се сретнат на 27 јуни во Белата куќа, а како што пишува српски „Курир“, темите на разговорот ќе бидат, пред сè, од економска природа. Ова, додаваат, ќе ги олабави односите и ќе создаде услови за подоцнежно политичко дејствување.

Вучиќ најави дека Србија ќе има тешки шест месеци кога станува збор за Косово, а само неколку дена по таа порака, во Приштина пристигна Мирослав Лајчак, специјалниот пратеник на ЕУ за преговорите меѓу Белград и Приштина. Во пресрет на неговото пристигнување во Косово, претставниците на Белград и Приштина се поканети од Ричард Гренел, специјалниот претставник на САД за Косово, на Вашингтон на состанок. Тачи вчера изјави дека поканата на САД за состанокот предизвикува надеж дека дијалошкиот процес ќе успее. И што е тоа што може да се очекува на 27 јуни? Според дипломатот Зоран Миливојевиќ, состанокот првенствено ќе се фокусира на економскиот пакет.

Без притисок

„Се очекуваше повикот на Гренел, логично беше тој да ја продолжи мисијата по исходот во Приштина – падна старата влада, се формираше нова. Треба да очекуваме продолжување на американскиот ангажман на линијата што беше до пред епидемијата на коронавирусот- економскиот пакет и создавање услови за продолжување на дијалогот со образложение дека нема даноци, реципроцитет, потврда на сообраќајот, слободен проток на стоки и луѓе. Тоа ќе создаде услови за (подоцнежно) политичко дејствување“, вели Миливојевиќ.

Министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ изјавил дека Србија одговорно третира различни иницијативи и дека ќе учествува на сите состаноци на тема дијалог.

„Ние ќе ги претставиме нашите добро познати ставови дека сме подготвени за разговори и компромис, но ако од другата страна нема желба за компромис, нема шанси да прифатиме каков било притисок само за да го признаеме Косово како независна држава“, изјавил Дачиќ за Курир.рс.

На два фронта

Иако се чини дека дијалогот за Косово се води на два фронта – ЕУ и САД, но со заедничка цел, според извор од дипломатските кругови, клучните земји на Унијата, Франција и Германија, се „лути“ затоа што администрацијата на Доналд Трамп влегла сама во дијалогот. Во прилог на тоа е кавгата на Твитер меѓу ерманскиот дипломат Волфганг Ишингер и Гренел.

„Во спротивност со ЕУ? Реакција од Берлин, Париз, Брисел? Што ако ЕУ преговара за длабоки и инклузивни области на слободна трговија со Талибанците“, напиша Ишингер.

„Ги поздравуваме сите активности, не само разговорите“, одговорил Гренел, алудирајќи на неефикасноста на ЕУ во дијалогот и политиката за ова прашање воопшто.

Пристигнувањето на Лајчак во Србија се очекува еден ден по изборите, на 22 јуни.