Што сака Турција на Балканот

од desk4
96 прегледи

  

 

Односите на Турција со Балканот и Јужна Европа отсекогаш предизвикувале интерес за некои. Што сака Турција на Балканот? Кој е нејзиниот т.н. голем план за регионот?

На важен состанок во Анкара, организиран од Турската агенција за соработка и развој (ТИКА) оваа недела, беа побарани одговори на овие прашања. Нема простор за паника: одговорите се добри за сите.

Оние кои не престануваат да прават приказни за балканската политика на Турција треба да знаат што се обидува да направи таа таму. Дозволете ми да се обидам да ги разјаснам работите во неколку точки.

Пред се, Турција дели заедничка географија на умот и срцето со Балканот. Откако Балканот стана дел од поширокиот муслимански свет, Турците го сметаат регионот за свој дом, градејќи градови, патишта, училишта, болници, мостови, џамии и друго.

Различни народи на Балканот ги прифатија Турција и Отоманската Империја како дел од истата геополитичка фантазија. Тоа може да изгледа премногу романтично или идеалистично за некои, но вистината е дека Турците, Албанците, Бошњаците и другите изградија култура и цивилизација што ги надминува границите на регионот. Човек не може да ја учи и да ја разбере османлиската култура, верскиот, уметничкиот и политичкиот живот, без да ги признае големите заслуги на книжевните, академските и политичките фигури со балканско потекло.

Заедно со многу други од Балканот потекнува националниот поет на Турција Мехмет Акиф Ерсој (автор на националната химна) и истакнатиот поет Јахја Кемал Бејалтија. Неколку клучни членови и основачи на Комитетот за единство и напредок, исто така, се од Балканот. Шемсетин Сами, големиот лингвист и автор на првиот голем отомански речник бил од Албанија.

Ниту еден Турчин не ги смета Сараево, Мостар, Приштина, Скопје или Нови Пазар за далечни места. Муслиманите на Балканот го чувствуваат истото кон Истанбул, Бурса, Коња и градовите во Анадолија.

Второ, Турција инвестира во сите балкански земји без разлика на етничката и/или верската припадност. Турската Влада, државни банки, приватни компании и невладини организации спроведоа стотици проекти на Балканот и продолжуваат да го прават тоа.

Турција не гледа никаква контрадикција меѓу развојот на добри односи со Србија, од една страна, и со Босна и Херцеговина, од друга страна. Напорите на Турција за признавање на државата Косово од страна на меѓународната заедница повеќе им помагаат отколку што им пречат на мировните напори во регионот.

Во последниве години, турските државни банки отворија филијали во балканските градови и го зголемија кредитирањето на земјоделците и бизнисменити. Турција извезува добиток од Босна за да им помогне на одгледувачите. Автопатот Сараево-Белград ќе биде изграден од страна на турски компании и ќе служи како „пат на мирот“ на Балканот.

ТИКА има завршено стотици мали и големи проекти во регионот и помага во градењето на капацитетите и техничката поддршка. Турција ги обучува безбедносните сили на неколку балкански земји и се грижи за нивните потреби. Последно, но не и најмалку важно – Турција го поддржува процесот на членство во НАТО и ЕУ на балканските земји.

Тоа се само неколку примери за политичките и економските заложби на Турција на Балканот. Со оглед на тоа, можеме да ја сумираме визијата на Турција за Балканот во три широки области: политичка стабилност, економски развој и културолошки процут.

Турција ги поддржува сите иницијативи за зачувување на политичкиот мир и безбедност на Балканот. Политичката стабилност на регионот е од исклучителна важност не само за Европа, туку и за светот. Во свет на растечка меѓузависност, ниеден конфликт не е повеќе локален. Влијанието на сите нив може да се пренесе и понекогаш тие можат да бидат смртоносни. Токму затоа Турција развива добри односи со сите земји за да ја зачува политичката стабилност и безбедноста за сите.

Економскиот развој е камен-темелник на турската политика за Балканот. Со цел да работат со нивниот целосен потенцијал, балканските земји имаат потреба од сериозни и правични деловни можности, а не од односи на зависност. Турција инвестира и го охрабрува својот приватен сектор да инвестира во сите области, вклучувајќи трговија, финансии, комуникации, инфраструктура, градежништво, енергетика и земјоделство. Во моментов, стотици турски компании водат бизнис на Балканот, обезбедувајќи работни места за илјадници локални жители.

Третата димензија се културата и уметноста каде турските и балканските традиции се мешаат во заедничко наследство. Османлиите изградиле многу од големите дела на архитектурата во западните територии на Империјата и тоа ги вклучува Јужна Европа и Балканот.

Културниот процут е клучот за зачувување на традициите и препознавање на реалноста на модерното време. Едното не треба да биде на сметка на другото.

Со својата културна и уметничка традиција, турските, босанските, албанските, македонските, српските, словенечките, бугарските и грчките автори, поети, уметници можат да учат едни од други и да создаваат дела на голема уметност, со стопување на своите респективни хоризонти. Турција ги поддржува таквите програми за да создаде заеднички простор за размислување и креативност. Во овој контекст, Турција обезбедува стипендии за балканските студенти и стотици од нив добиваат добро образование во Турција.

Веронауката е од особено значење, бидејќи турскиот углед по ова прашање е гаранција против отклонувања кон насилниот екстремизам, радикализам и тероризам.

Турција се спротивставува на Ал Каеда и Исламската држава во нивната идеологија и разбирање на исламската религија. Иако овие терористички организации имаат некои членови меѓу балканските муслимански заедници, тие не успеаја да навлезат во општеството. Но, човек тука не може да биде премногу претпазлив. Токму затоа Турција поддржува образовни програми за да се осигура дека Исламот се учи како што треба.

Друга опасност е терористичката мрежа на Балканот на ѓуленистичката терористичка организација ФЕТО. Со оглед на нејзиниот искривен и екстремен систем на верувања, ФЕТО претставува закана не само за Турција, туку исто така и за балканските земји. Тие функционираат под маската на невини термини како служба, едукација и меѓурелигиски дијалог и толеранција, но секој треба да им го знае вистинско лице. Тие не само што се инфилтрираа во турската држава, туку извршија и обид за државен удар во Турција на 15 јули 2016 година. Тие нанесоа штета на вербата во Исламот исто колку и терористичките групи Ал Каеда и Исламска држава. Секој на Балканот треба да биде внимателен кон оваа закана.

Целта на Турција на Балканот не е да бара влијание, туку да обезбеди политичка стабилност, да стимулира економски развој и да поддржи културни и образовни активности. Турција е против микронационализам од секаков вид. Таа, исто така, се противи на надворешна интервенција. Националните и локалните прашања мора да бидат управувани и во сопственост на локалните жители и националните власти. Силна Турција е добра работа за Балканот, а стабилниот и просперитетен Балкан е добар за Турција и за светот.

Автор: Ибрахим Калин, советник на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган 

 

Дејли Сабах – Анкара