Штрајкот на наставниците продолжува: „Тежиме кон иста цел, но се движиме по различни патишта“

од Берта Китинска
247 прегледи

Ресорниот министер Јетон Шаќири ги повика наставниците да го прекинат штрајкот и да се вратат на настава. Приоритет е враќањето на учениците во школските клупи, додава Шаќири, истовремено ветувајќи покачување на платите, но не без да прецизира за колку.

-Станува збор за достоинство и ние треба да ја цениме и работата на сите наставници.

Доколку ја претвориме проценката и ситуацијата во бројки и ја поврземе со таа бројка – согласни или не, повторно продолжува штрајкот и повторно нема да има настава, додека не дојдеме до одредена бројка. Овој процес треба да се разбере, настава мора да има, ќе ја постигнеме и ќе ја испорачаме и таа бројка, но не сакаме овој процес да ги условува учениците, вели Шаќири.

-Тежиме кон иста цел, но се движиме по различни патишта. И наша цел е штрајкот побргу да заврши и децата да се вратат во клупите и занималните, но треба да ни се вкрстат патиштата и да има прифатливо решение за штрајкот да прекине. Уверени сме дека го правиме вистинското во интерес на членството, одговори претседателот на СОНК Јаким Неделков по апелот на министерот за образование да продолжи наставата и паралелно да преговараат за повисоки плати.

Неделков ја повика Владата и ресорните министерства да понудат нешто реално, секој предлог ќе оди кај членството за во текот на викендот Советот на СОНК да може да го разгледа и да донесе одлука.

-Без прифатлив предлог, практично е невозможно да се прекине штрајкот. Апелирам да покажат сериозен пристап, да смогнат сили, да покажат волја и да понудат соодветен процент за образование и детска заштита, како и за ученички домови кои се приклучија на штрајкот, да обезбедат средства, дали 18,4 или друг процент, ние мора да имаме понуда, истакна Неделков.

Кој е процентот што би бил „црвена линија“ за СОНК, тој рече дека не може да каже зашто ни самиот не ја знае и ќе ја одреди членството кое ќе одлучува за секоја понуда што ќе ја добијат.

Слични содржини