Шутаров: СДСМ ќе се реформира комплетно, ДУИ треба да оди во опозиција

од Nikola Popovski
475 прегледи

СДСМ ќе се реформира комплетно, новото раководство треба да се води од паролата „секој е важен“, не „без секој се може“, открива советникот во Советот на Град Скопје од редовите на СДСМ, Гордан Шутаров во емисијата „Тешки муабети“.

На прашањето дали има амбиции за повисока функција, Шутаров нагласил дека целата младост е дел од СДСМ, но дека се задржува на делувањето во Град Скопје.

– Мој личен став е дека пратеничките листи требаше да бидат подобри, дел од таа кадрова понуда треба да бидат предмет на ревизија, како и сите одлуки од 2017 година до сега. Во СДСМ има многу добри, млади, прогресивни кадри. Раководството кое ги донело тие одлуки ќе треба да дадат отчет и ќе дадат отчет на Конгрес исите членови ќе си го кажат своето мислење, но не јавно, по Фејсбук. Кривицата ја гледам во сите кои учествувале во носењето на тие одлуки, вели членот на СДСМ.

Шутаров одговорил и колку ДУИ имаше удел во поразот на СДСМ.

-ДУИ нанесе штета на СДСМ како константен политички опонент. Во 2016 година граѓаните не ја дадоа довербата за понудата на Зоран Заев за да ДУИ оди во опозиција. Тие непромислени потези на функционери во СДСМ, играње фудбал и кошарка по канцеларии, даде слика дека ДУИ прави се што сака. Не велам Албанците, велам ДУИ. Сметам дека СДСМ требаше да се оттргне од ДУИ уште на локалните избори и по нив. ДУИ ќе оди и треба да оди во опозиција, одговорил советникот во Град Скопје во емисијата.

Членот на СДСМ говорел и за новите тензии на релација Скопје-Атина и толкувањето на Преспанскиот договор.

– Во последните две години се донесоа многу тешки државнички одлуки, коишто, за жал, не беа препознаени од другите политички елити дека што покасно ги правиме тие државнички одлуки, тоа потешко ќе биде за идните генерации на политичари. Тука првенствено сметам и за Преспанскиот договор. Јас можам да искажам мој став. Дали ми се допаѓа Преспанскиот договор? Не ми се допаѓа. Дали ми се допаѓа уставното име „Северна Македонија“? Не ми се допаѓа. Но е реалност. Дали можеше да имаме подобар исход од целиот наш европски интегративен процес во овој период? Можеше, изјавил Шутаров.

Слични содржини