Шведска нареди дополнителна истрага на „Северен тек“

од Stefanija Kuzmanovska

Шведска нареди дополнителни истраги за штетата предизвикана на двата гасовода „Северен тек“ минатиот месец, објави денеска главниот обвинител задолжен за случајот.

„Одлучив да спроведам голем број дополнителни истраги на местото на настанот заедно со безбедносните сили. На наше барање, вооружените сили одлучија да помогнат во истрагата“, изјави главниот обвинител Матс Љунгквист, пренесува „Ројтерс“.

Тој додаде дека вооружените сили имаат ресурси и експертиза да го истражат местото на несреќата „на начинот на кој сакаме“, но одби дополнително да коментира.

Шведска и Данска заклучија дека четирите истекувања на гасоводите Северен тек 1 и 2 во Балтичкото Море биле предизвикани од експлозии, но не кажаа кој би можел да биде одговорен. Светските лидери се согласуваат дека ова е чин на саботажа.

Шведските вооружени сили оваа недела објавија дека спроведуваат независна истрага на морското дно околу местото на истекувањата.

Слични содржини