Демократите планираат да започнат постапка за отповикување на американскиот претседател Доналд Трамп уште во понеделник, пренесува телевизијата Си-Ен-Ен, повикувајќи се на неколку добро информирани извори.
На тој начин, гласањето за отповикување на претседателот Трамп може да биде иницирано веќе на почетокот или средината на следната недела, додава американската телевизиска мрежа.
Американската конгресменка Ненси Пелоси синоќа изјави дека оваа институција ќе иницира процес на импичмент на претседателот Доналд Трамп поради неговата улога во насилниот упад во Капитол пред две вечери, доколку тој не даде оставка веднаш.
Сепак, Пелоси не може точно да каже кога гласањето може да се најде на дневниот ред, според Си-Ен-Ен.
Во нацрт-барањето за отповикување на Доналд Трамп, што беше упатено од демократските членови на Претставничкиот дом по упадот на демонстрантите во Капитол, републиканскиот претседател е обвинет за извршување на тешки злосторства и прекршоци за поттикнување бунт, пренесува „MSNBC“.
Во нацртот се вели дека републиканскиот претседател намерно давал изјави што ја поттикнувале невидената акција во Капитол, објави „MSNBC“, додавајќи дека претседателката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, сè уште не го одобрила текстот, пренесува Ројтерс.
Тоа би бил вторпат да се поведе постапка за отповикување на Трамп.
Постапката за негово отповикување беше иницирана во декември 2019 година, поради обвинувања за злоупотреба на службената положба и попречување на Конгресот.
Сенатот го ослободи Трамп во февруари 2020 година, по двете обвиненија.
На Трамп му преостануваат само две недели како претседател, но по упадот на демонстрантите врз американскиот Капитол, има сè повеќе високи функционери кои сакаат да го отстранат од неговата позиција пред крајот на мандатот.