Си призна – Кина е во неволја: Што се случува во втората светска економија?

од Vladimir Zorba

Зад Кина е година за заборав. Претседателот Си Џинпинг во своето новогодишно телевизиско обраќање призна дека земјата е опколена со економски проблеми и тие нема сами да исчезнат дури ни во 2024 година.

Во својот говор Си ги пофали економските достигнувања на Кина во 2023 година и го охрабри народот, но интересно е што за прв пат призна дека земјата има проблеми, пишува Бенјамин Ајсел, дописник на германската АРД од Пекинг.

Кинескиот претседател рече дека некои бизниси ќе се соочат со тешкотии, а некои ќе имаат проблем да најдат работа. Вакви коментари на претседателот на државата и на Комунистичката партија се ретки.

Само неколку часа пред емитувањето на говорот на Си, Бирото за статистика во Пекинг објави нови податоци за индустриското производство. Според официјалниот индекс на менаџери за набавка (PMI), производната активност во Кина се намали трет месец по ред во декември. Тој падна на 49 поени од 49,4 поени во ноември, а вредностите на индексот под 50 укажуваат на пад на производството.

Пред една година, кинеската економија првично изгледаше како брзо да закрепнува по завршувањето на строгата политика „нулта случаи на ковид“, но ситуацијата брзо се влоши.

Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд проценуваат дека бруто домашниот производ на Кина минатата година пораснал за повеќе од пет отсто. Тоа би значело дека целта на комунистичкото државно и партиско раководство од околу пет отсто раст е исполнета.

Но оваа година нема да биде полесна за Кинезите бидејќи проблемите се уште се исти. Огромната криза со недвижностите не е решена: презадолжените градежни компании, како „Evergrande“ и „Country Garden“, сè уште се борат да опстанат. Цените на становите паѓаат, а помалку се градат. Помина времето кога градежната индустрија сочинуваше една третина од кинеската економија.

Рекорден број млади се невработени. Покрај тоа, општеството старее, населението се намалува, а многу Кинези повеќе не сакаат деца. Домашната побарувачка останува слаба. Ова врши притисок врз економијата, која се уште е фокусирана на производството и извозот, а истовремено ја ослабува странската побарувачка.

Земјата е на работ на дефлација, што значи дека се бори со падот на цените – што се смета за лоша за економијата и поштетна од инфлацијата. Комунистичкото раководство веќе најави дополнителни мерки за стимулирање на економијата. Така, државните банки дополнително ги намалија каматните стапки за да ги поттикнат инвестициите.

Сепак, според меѓународните аналитичари, не постои генерален концепт за стимулирање и отворање на економијата – фундаменталниот проблем е политиката на Си, сведена на сузбивање на личните и економски слободи и неизбежното зајакнување на влијанието на владејачката Комунистичка партија.

Слични содржини