Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по повод одбележувањето на Христовото раѓање – Божиќ, присуствуваше на Архиерејската Златоустова литургија во Соборниот храм „Св. Климент Охридски” во Скопје, со којашто чиноначалствуваше архиепископот охридски и македонски, г. г. Стефан.
Сиљановска-Давкова по завршувањето на божествената литургија, во разговорот со присутните верници го упати радосниот поздрав „Христос се роди, навистина се роди!”, споделувајќи празнични желби за мир, среќа и благосостојба во секој дом.
Таа ја истакна обединувачката моќ на Божиќ во будењето на божественото и човечкото во секој од нас: добрината, светлината и надежта, посведочени и денеска.
Според неа, секој од присутните во текот на оваа година ќе се потсетува на зборовите на архиепископот г. г. Стефан дека треба да веруваме во доброто, а да се бориме против злото, дури и кога тоа ни изгледа невозможно во моментот, со мисла дека Богочовекот, Исус Христос, е постојано со нас за да ни го покаже вистинскиот пат.