Да се анализира филм на режисерката Лин Рамси, повеќе треба да се размислува на структурален филм, одошто на наративен, наменет за пошироката публика.

Најновото остварување на Рамси, „Всушност, никогаш не беше тука“ е уметнички силабус кој работи на фрагменти, комплексна синематика, филмски развој, авангардна структура, или она што филмската теорија го нарекува, филм кој мисли и создава нови форми. Рамси е позната по експерименталната поетика, отргнувајќи се од она што е стандарна синематика во филмот. Нејзиното филмско творештво повеќе се доближува до Новиот бран, кој ја брануваше Франција и Јапонија во минатиот век. Таа е целосно посветена на филмот како структура, кој преку филмската камера ја преточува режисерската намера на автентичен филмски јазик.
Филмот, „Всушност, никогаш не беше тука“ е психолошка драма (трилер), кој се обидува да го одгатне брутализмот на едно општество кое почива на постулатите на моќ што потикнува насилство и бескруполозно одземање на животи. Од друга страна, Рамси наметнува чувствителна тема, педофилијата како отворен систем на тргување на малолетници во круговите на моќниците.
Во овој филм Рамси, соработува со актерот Хоакин Феникс, кој годинава ја освои награда за најдобра актерска игра на Канскиот филмски фестивал. Карактерот на Феникс, е осамениот Џо, преку кој се портретираат последиците на системот врз индивидуата. Тој е извршителот на нарачки, „добриот херој“ кој се обидува да спаси една малолетничка која е сексуално злоставувана од моќник. Преку Џо, ја согледуваме матрицата на општества чија матрица создава отпадници врз кои се рефлектира тортурата.
Насилството во „Всушност, никогаш не беше тука“ е експлицитно, со намера да ја деконструира внатрешноста на поединецот измачуван од минати дејствија, кој се рефлектираат во потсвеста кај Џо и малолетната девојка Нина (Екатерина Самсонов), која по сексуалното злоставување целосно го менува моралниот систем во кое убиството станува начин на преживување, чин на овозможување повторна слобода. Откако Џо се обидува да ја спаси Нина, таа станува единствената смисла да продолжи со животот, кој е веќе целосно обоен во крв и немир./ Вероника Камчевска