Сингапур има најјак пасош, Македонија на 41 место од 94 земји

од desk2
115 прегледи

Според глобалната оценка на пасошите за 2017 година, Сингапур има најсилен пасош на светот, додека Македонија се наоѓа на 41 место од вкупно 94 земји и нашите граѓани може да патуваат без виза во 108 земји.

Глобалниот рејтинг го изработи фирмата Arton Capital, а земјите се рангирани според безвизниот режим, односно според бројот земји во кои нивните граѓани може да патуваат без виза. Така на пример, сингапурскиот пасош има оцена 159 и е најдобар. Ова е прв пат азиска земја да го заземе првото место по јачина на пасошот на листата на Arton Capital.

Втора земја со најсилен пасош е Германија, а следат Шведска, Јужна Кореја, Данска, Финска, Италија, Франција, Шпанија, Норвешка, Јапонија…

Кога станува збор за земјите од регионот албанскиот, босанскиот и црногорскиот пасош се послаби од нашите, па се наоѓаат на 47, 46 односно 43 место. Србија има појак пасош од македонскиот и е на 38 место на листата со оцена 113. Хрватска предничи и е на 14 местото покрај Бразил со оцена 144 за безвизен режим, а тука е и Бугарија на 15 место. Најдобро пласирана од нашето окружување е Грција која се наоѓа на 7 место.

Британците можат слободно да влезат во 156 држави, Американците во 154. Најслаби пасоши се на Авганистан, Ирак, Пакистан и Сирија. Тие без виза можат да влезат во околу 20 земји.