Сите отворени прашања на маса: Ванг Ји и Блинкен во Пекинг за кинеско-американските односи

од Vladimir Zorba

Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји во Пекинг разговараше со американскиот државен секретар Ентони Блинкен, кој е во посета на Кина, за односите меѓу двете земји.

На почетокот на разговорот, Ванг рече дека позицијата на Кина отсекогаш била конзистентна и дека Кина се придржува до принципите на меѓусебно почитување, мирен соживот и заемно корисна соработка и се обврзува да промовира стабилен, здрав и одржлив развој на кинеско-американските односи, јавува Ксинхуа.

Тој посочи дека Кина се залага за взаемно почитување на суштинските интереси и апелира до американската страна „да не се меша во внатрешните работи на Кина, да не го потиснува развојот на Кина и да не ги преминува црвените линии на Кина кога станува збор за суверенитетот, безбедноста и развојните интереси на Кина. “.

Стејт департментот објави дека Ванг Ји оценил дека односите меѓу Кина и САД почнуваат да се стабилизираат, но дека „во исто време, негативните фактори кои постојат во меѓусебните односи продолжуваат да растат и дека односите се соочуваат со секакви предизвици“.

Блинкен рече дека за администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден, дијалогот меѓу САД и Кина е од големо значење, дури и за контроверзни прашања.

Тој оцени дека има напредок во изминатата година, но посочи дека разговорите ќе продолжат да бидат тешки.

„Со нетрпение очекувам овие разговори да бидат многу јасни, директни, за областите каде што имаме разлики… Се надевам дека ќе успееме да постигнеме одреден напредок за прашањата за кои нашите претседатели се согласија дека треба да соработуваме, но и да ги разјасниме нашите разлики, нашите намери и многу јасно да си кажеме каде стоиме“, изјави Блинкен.

Блинкен е во посета на Пекинг за да разговара за низа прашања, вклучително и продлабочување на тензиите меѓу двете земји поради „поддршката на Кина за руската инвазија на Украина“, објави Ројтерс.

Тридневната посета на Блинкен на Кина доаѓа пет месеци по самитот меѓу претседателите на САД и Кина во Сан Франциско.

Слични содржини