Скарлет Јохансон лута на вештачката интелигенција, создале глас кој наликува на нејзиниот

од Milan1

Холивудската актерка Скарлет Јохансон побара од компанијата за развој на вештачка интелигенција „Опен Еј-ај“ детално да објасни како гласот на Скај, што го користи новата аудио верзија на неговиот модел со вештачка интелигенција Чат Џи-пи-ти 4.0, е создаден бидејќи премногу наликува на гласот на актерката.

„Минатиот септември добив понуда од извршниот директор на ‘Опен Еј-ај’, Сем Алтман, кој сакаше да го искористи мојот глас за моделот за вештачка интелигенција Чат Џи-пи-ти 4.0. По многу размислување и од лични причини, ја одбив понудата“, тврди Јохансон.

Таа наведува дека Алтман контактирал со нејзиниот агент два дена пред објавувањето на демото на Чат Џи-пи-ти, барајќи Јохансон да ја „преиспита“ понудата, но дека новиот модел со вештачка интелигенција бил објавен пред да можат да се поврзат.

„Кога го слушнав објавеното демо, бев шокирана и лута. Не можев да поверувам дека Алтман ќе употреби глас толку морничаво сличен на мојот, што дури и моите најблиски пријатели или новински куќи не можеа да ја направат разликата“, рече актерката.

Според неа, Алтман во тогашниот пост на мрежата Икс дури навестил дека сличноста на гласовите била намерна, бидејќи само го напишал зборот „Неа“ („Her“).

Имено, Скарлет Јохансон го позајми гласот во улогата на вештачка интелигенција во холивудскиот филм „Неа“ („Her“) од 2013 година.

„Опен Еј-ај“ претходно објави дека ќе го привлече гласот на Скај и забележа на својот блог дека овој глас не е избран за да биде „имитација“ на гласот на Скарлет Јохансон.

Слични содржини