По вчерашниот прекин на водоснабдувањето во Скопје (31 мај), предизвикан од активности на секторите Водовод и ЕОК, денеска е спроведен вонреден мониторинг на системот за водоснабдување од страна на Секторот за санитарна контрола при ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје. Од претпријатието информираат дека анализите покажале дека водата во градот е сосема безбедна за пиење и исполнува сите здравствени и безбедносни стандарди.
Мониторингот бил извршен на десет различни локации низ Скопје: Кале, Топанско Поле, Шуто Оризари, Радишани, Бутел, Ф-600, Железара (во раните утрински часови), Автокоманда, Визбегово и Чаир 1. Од секоја од овие локации биле земени примероци од вода кои подоцна биле анализирани во лабораторија. Тестирањата опфатиле физичко-хемиски и микробиолошки анализи, изведени со најсовремени методи – јонска хроматографија за физичко-хемиските параметри и ПЦР метода за микробиолошката анализа. Освен тоа, на терен е измерена и концентрацијата на резидуален хлор.
„Сите примероци одговараат на критериумите предвидени во Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење (Сл. весник на РМ бр. 183/18), што значи дека водата е санитарно исправна и безбедна за хумана употреба“, се наведува во соопштението на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје. Граѓаните можат безгрижно да ја користат водата од чешмите во своите домови.