Скопје се сеќава: 58 години од катастрофалниот земјотрес

од Nikola Popovski
387 прегледи

Пред 58 години се случи катастрофалниот земјотрес во Скопје, на 26 јули 1963 година во пет часот и 17 минути, а помали потреси имало до пет часот и 43 минути. Беа урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000. Над 200.000 луѓе остана без покрив над глава.

Од трагедијата на Скопје целиот свет беше вознемирен и ангажиран. Меѓународниот Црвен крст упати апел до сите национални организации да организираат исхрана за скопските деца. Интерпарламентарната унија упати препорака до сите парламенти и влади да помогнат во обновата на градот. Хуманитарните организации во многу земји пристапија кон собирање помош за Скопје. Така Скопје стана град на меѓународна солидарност.

Обединетите нации веднаш по катастрофата презедоа активности за плански и долгорочно да му се помогне на разурнатиот град. Во времето кога екипи стручњаци на ОН почнаа да пристигнуваат во Скопје, во седиштето на меѓународната организација беше речено дека Скопје ќе биде споменик на човечката солидарност. На 23 септември 1963 година 35 земји побараа Генералното собрание да стави на дневен ред од своето заседание точка за преземање мерки по повод земјотресот во Скопје. По четири дена, на 27 септември, Генералното собрание и даде приоритет на меѓународната акција за давање помош на Скопје.

Традиционално во понеделник (26.07.2021 година) во 10 часот пред Споменикот на жртвите од катастрофалниот земјотрес на Градските гробишта во Бутел, официјални делегации и претставници на институции ќе положат цвеќе.

Општинската организација на Црвениот крст од Кисела Вода во соработка со Институтот за трансфузиологија во понеделник (26.07.2021 година) ја организира традиционалната крводарителска акција. Акцијата, којашто почна во 9 часот и ќе трае до 17 часот, во Дневниот центар за дарување крв во Домот на хуманитарни организации „Даре Џамбаз“.

По повод годишнината од земјотресот, традиционално, и Град Скопје и јавните културни установи ќе организираат многубројни настани.

Во Музејот на Град Скопје во 19 часот ќе се одржи поетско читање на Организацијата на жени на Град Скопје, а во 20 часот ќе се отвори изложбата „Колаж на еден разурнат град“.

Програмата за одбележување на 26 јули ќе биде заокружена со централниот настан во 21 часот во Градскиот парк, каде што ќе се одржи концерт на Филхармонија и „Архангел“, насловен „Филхармонија и Архангел за Скопје“. На концертот ќе присуствува и градоначалникот Шилегов.

Како дел од активностите на кандидатурата на Град Скопје за „Европска престолнина на културата за 2028 година“, назначени се две локации за легални ѕидови за слободно користење од уличните уметници за пишување и цртање графити, сликање мурали, тагови,… Локациите се потпорниот ѕид на улицата „Војвода Васил Чакаларов“ („Адолф Циборовски“) по „Реплек“, како и ѕидовите од двете страни на булевар „Гоце Делчев“ под поранешна Стоковна куќа „Мост“, денес Универзитет на Југоисточна Европа.

 

Слични содржини