Според документите до кои дојде СКУП, ВМРО-ДПМНЕ поседува имот во скоро сите општини на Македонија, СДСМ со имот е присутна во 12 општини, ДУИ поседува имот само во Чаир и Дебреште додека под знак прашалник е шумскиот имот на ДПА во тетовско Селце.

vmro-naslovna[1]

ДОКУМЕНТАЦИЈА


Дуќани, дворови, ниви, згради, станови…Ова е само дел од сопственоста на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, која се јавува како сопственик во 100 имотни листови, каде можат да се видат места кои се непознати за пошироката јавност. Најголемите имоти кои ги има партијата на екс-премиерот Никола Груевски, се наоѓаат во Сарај, Кисела Вода и Центар, каде ВМРО-ДПМНЕ поседува згради, станови и пасишта. За разлика од нив, СДСМ поседува далеку помал имот, а најголемиот имот кој го има се наоѓа на Бихаќка. ДУИ е на трето место по официјалната листа на стекнат имот, додека ДПА не фигурира дека има имот.

 

ВМРО-ДПМНЕ СО НАЈГОЛЕМ ИМОТ

Според документите до кои дојде СКУП, ВМРО-ДПМНЕ поседува имот во скоро сите општини на Македонија. Партијата има имот дури и во Мал Папрадник, место каде едвај има педесетина куќи.

Партијата на Никола Груевски најмногу имотни листа има во Општина Сарај – осум, во општина Центар има 7, додека 6 во Кисела Вода.  По два имотни листа има во општините Јегуновце, Брвеница, Карпош, Градовци, Илинден, Охрид, Гостивар и Могила додека во Делчево се појавува со три имотни листа.

Партијата фигурира со еден имотен лист во Берово, Пехчево, Новаци, Битола, Македонски Брод, Пласница, Виница, Богданци, Гевгелија, Нов Дојран, Стојаково, Каменица, Демир Хисар, Росоман, Кавадарци, Другово, Кичево, Зрновци, Кочани, Облешево, Оризари, Кратово, Крива Паланка, Ранковци, Крушево, Куманово, Мало Нагоричане, Демир Капија, Неготино, Кривогаштани, Ропотово, Пробиштип, Радовиш, Ресен, Лозово, Бутел, Мирковци, Петровец, Сопиште, Ѓорче Петров, Гази Баба, Вевчани, Струга, Босилово, Василево, Куклиш, Ново Село, Струмица, Теарце, Тетово, Градско, Велес, Чашка, Таринци и Штип.

Но, убедливо највпечатлива е зградата каде е лоцирано партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ, сместена во самиот центар на градот, околу која зграда имаше партиски препукувања во изминатиот период.

Во документите кои ги поседува СКУП-Македонија, а се добиени од Агенцијата за Катастар на Република Македонија, стои дека од целата зграда каде е сместено партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ, партијата поседува вкупно 675 метри квадратни. Во самата зграда, за која партијата тврди дека не инвестирала ниту денар, ВМРО-ДПМНЕ поседува осум стана, но и балкони и помошни простории. Според партијата, зградата е градена со јавно-приватно партнерство.

Но, СДСМ го тврдеа спротивното.

„Ако се тргне од тоа дека во општина Центар просечната цена на квадратот е над 1.200 евра, тоа значи дека за новиот штаб на ВМРО-ДПМНЕ се дадени околу 15 милиони евра! Ако одиме по логиката на чинење на новоизградените згради од Скопје 2014 коишто чинат и по 3.000 евра за м2, тогаш зградата чини и над 35 милиони евра“, изјави портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов во врска со изградбата на зградата каде се пресели ВМРО-ДПМНЕ, а за кое тој тврдеше дека е „зголемена во од“.

Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски досега во најмалку два наврати најавуваше дека ќе го руши балконот од новата зграда каде се сместени ВМРО-ДПМНЕ поради тоа што тврдеше дека е нелегално изграден, но тоа досега не се случи.

Според веб страницата на Агенцијата за катастар, метар квадратен во строгиот центар на градот изнесува 1.100 евра по метар квадратен. Доколку оваа сума се помножи со квадратурата која во моментов ја поседува партијата на Груевски, грубите проценки покажуваат дека тие располагаат со имот вреден најмалку 742.500 евра и тоа само на една локација во Скопје. Но, сумата е многу поголема ако се смета дека околу зградата се наоѓа 1015 метри квадратни неизградено градежно земјиште, кое е, исто така, во сопственост на партијата на Груевски. Пазарната цена на вакво земјиште во центарот на градот, според Катастарот, во просек, се движи околу 1000 евра по квадратен метар.

ВМРО-ДПМНЕ пред две години потврдија дека во изминатиот период купиле имот воповеќе градови низ државава, но јавноста не дозна за кој имот станува збор и за колкава вредност се работи. Единствено потенцираа дека за тоа е платен данок. Според СДСМ, нивните политички опоненти имаатимот вреден 11 милиони евра, кој најголем дел го купиле во 2014 година.

Но, партијата се јавува како сопственик и на редица други имоти. Па така, поседува 246 метри квадратни од познатата зграда на „Пелагонија“, која се наоѓа веднаш до Порта Македонија, како и дел од простории на Ул. „Цветан Димов“.

Партијата има и повеќе станови и дуќани и во скопската населба Кисела Вода, како и имот во Сарај, од кој дел се и пасишта.

ВМРО-ДПМНЕ поседуваат и станови со вкупна квадратура од 374 квадратни метри во битолското централно подрачје. Ако се пресмета според сумите за продажба на објекти на веб страната на Агенцијата за катастар, овој имот грубо чини околу 187.000 евра, сметајќи по околу 500 евра за квадратен метар.

И во многу други места ВМРО-ДПМНЕ поседуваат земјишта, станови, разни објекти, а во Крушево дури и објект кој во катастарот е заведен како акционерско друштво.

 „БИХАЧКА“ – НАЈГОЛЕМО БОГАТСТВО НА СДСМ

 

За разлика од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ има далеку помал имот. Најголемиот со кој располага партијата е зградата на партиското седиште сместена на улицата „Бихаќка“, лоцирана во центарот на Скопје. Во рацете на партијата на Зоран Заев се вкупно 2042 квадратни метри, што, грубо сметано според пазарните цени би се проценило на имот вреден нешто повеќе од 2 милиони евра. Зградата предизвика огромно внимание на јавноста по информацијата дека сега веќе поранешниот лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски го ставил партискиот имот под хипотека. Но, потоа со сооштение се јави Комерцијална банка од каде тврдеа дека се работи за хипотекарен кредит од милион евра, а не за донација како што тогаш се шпекулираше во дел од медиумите.

Од поголемите имоти, СДСМ има 507 квадратни метри во Битола, додека со по два имотни листа има во Неготино, Крива Паланка и Струга. Партијата на Заев со по еден имотен лист се појавува во Центар, Лозово, Ресен, Крушево, Кавадарци, Богданци и Валандово.

Освен СДСМ, ниту една друга од четирите партии не го обелуденува јавно финансискиот извештај за своето работење каде може да се видат приходите и расходите на партијата во претходната година.

 

ДУИ СО ТРИ ОБЈЕКТИ ВО СКОПЈЕ И НИВИ ВО ДЕБРЕШТЕ

 

Иако е сместена во двоспратната куќа во Мала Речица, ДУИ сепак официјално поседува имот на други места. Па така, во Катастарот е заведено дека ДУИ е сопственик на имотот во скопски Чаир, каде поседуваат 274 квадратни метри, не сметајќи го и дворното место на објектот од 318 квадратни метри каде е сместена партијата. Кога ќе се земат предвид цифрите од Катастар за продажба на земјиште од оваа област, тогаш грубо може да се пресмета дека партијата поседува имот од околу 355.000 евра.

ДУИ поседува и деловни простории од 413 квадратни метри во ТЦ „Мавровка“. Но, имаат и огромни површини на ниви во прилепско Дебреште.

ЧИЈ Е ИМОТОТ – НА ДПА ИЛИ НДП?

ДПА не се води како сопственик на земјиште или објекти во Агенцијата за Катастар. Кога побаравме информации за имотот на ДПА, од Катастарот ни дадоа информации дека под конкретниот матичен број се води друг правен субјект-политичката партија НДП на Руфи Османи. Таа пак е сопственик на дел од голем шумски имот во тетовско Селце.

ДПА, како што е познато во јавноста се лоцирани во строгиот центар на Тетово, во канцеларии кои се во сопственост на Аксионерското друштво „Комунапроект“ од Тетово.

извор: СКУП

Слични содржини