Славење на пирејот по 11. пат во Слоештица

од Vladimir Zorba
152 прегледи

   „Слоештица – име за цел еден свет“ е насловот на беседата што академик Влада Урошевиќ ја напиша за 11-тото по ред чествување за бардот на македонската литература Петре М. Андреевски и вековитоста на македонскиот народ.

Акцент на годинешнава манифестација е промоција на германското издание на романот „Пиреј“ – „QUECKE“, кое е тукушто отпечатено од страна на издавачката куќа GUGGOLZ VERLAG од Берлин. Преведувачот, Бенџамин Лангер успеа да ја пренесе автентичноста и моќта на зборот на Андреевски до германските читатели.

Темата „Пиреј“ ќе биде дополнително збогатена и со актерската изведба на монодрамата „Велика“ од актерката од Битолскиот народен театар Катерина Аневска – Дранговска, а целиот настан ќе биде музички проследен со изворниот звук на кавал и гајда на македонскиот виртуоз Гоце Димовски, член на етно групата „Синтезис“.

Освен традиционалната изложба на дела од годинешните гости на уметничката резиденција на „Арт Поинт – Гумно“, на средсело ќе биде поставен проектот „Дали се сеќаваш?“ – изложба на рециклирани слики и фото-разгледници, од актерките Наташа Петровиќ и Слаѓана Вујошевиќ и ликовната уметница Воскресија Андреевска.

И годинава, манифестацијата е делумно поддржана од страна на Министерството за култура на Република Македонија.