Доаѓањето на пролетта го означува почетокот на нашата пролетна офанзива за нов пресврт на политичкото делување на СДСМ и Северна Македонија. Следува нова политика, пресврт, СДСМ ќе се менува за уште подобро да им служи на граѓаните, рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев откако вчера повторно ја доби довербата од своето членство.
-Следува нова политика. Доаѓањето на пролетта го означува почетокот на нашата пролетна офанзива за нов пресврт на политичкото делување на СДСМ и Северна Македонија. Следува реформа на досегашната кадровска понуда на СДСМ, ќе внесеме нова енергија во нашите редови и ќе ги отвориме вратите за сите оние кои се блиски од социјалдемократските идеи, ќе ја продлабочиме започнатата борба против високата корупција и организираниот криминал и ќе ја креваме мотивацијата на нашите граѓани. СДСМ ќе продолжи да се менува за уште подобро да им служи на граѓаните, вети Заев.
Нагласи дека за многу кус период добил доверба од граѓаните на последните парламентарни избори да ја води Владата, доверба од пратениците во Собранието, а и од македонските социјалдемократи.
Заев вчера беше реизбран на првите внатрепартиски непосредни избори и освои апсолутно мнозинство од сите членови. За Заев гласале 60.840 социјалдемократи со право на глас, 888 биле „против“ и имало 249 неважечки ливчиња. Заев по трет пат е избран за лидер на партијата. Право на глас имаа 68.999 членови на партијата кои го ажурираа своето членство а се гласаше на 237 места во 80 општини низ државата.
Заев немаше противкандитат.
Зa Филипче, Заев е промената во општеството која генерации граѓани ја чекаа
„Зоран Заев е промената во општеството која генерации граѓани ја чекаа за да ги исполнат соништата на своите деца“, сподели министерот за здравство Венко Филипче по завршувањето на внатрепартиските избори во СДСМ.
„СДСМ продлжува сигурно напред со човекот кој донесе големи промени и храбри одлуки за иднината на земјата. Тој ја обединува партијата, но и граѓаните на целата држава и затоа е вистинскиот избор за лидер на СДСМ. Му посакувам успешен мандат“, напиша Филипче.
На директни внатрепартиски избори, заедно испишавме историја! Честитки!, напиша на својот Фејсбук, Љупчо Николовски вицепремиер за борба против корупцијата.
-Би сакал да се заблагодарам на сите членови кои денеска го дадоа својот глас и учествуваа во првите директни внатрепартиски избори, пишува Николовски.