Управата на словенечката полиција соопшти дека не располага со податоци за вмешаност на некои полицајци во случајот со „Штаерска гарда“, паравоена група, но нагласи дека спроведува интерна истрага.
– Полицијата не располага со податоци за вмешаност на полицајци во случајот со штаерската гарда, но и покрај тоа, во врска со тој случај, спроведуваме внатрешна истрага, соопшти управата на полицијата во Љубљана, пренесува Хина.
Словенечката полиција покрена истрага, откако на социјалните мрежи се појавија видео снимки и фотографии од група вооружени и маскирани мажи, на чело со десничарски поранешен претседателски кандидат.
Основачот на „Штаерска гарда“, националистички настроениот политичар Андреј Шишко од Марибор, во вторникот рече дека во полицијата има свои извори и оти повеќето полициски работници се наклонети кон неговата иницијатива за воспоставување локални паравоени одреди кои, меѓу другото, како што наведе, би ја „штителе границата од мигранти“, пренесува Хина.
Министерката за внатрешни работи Весна Ѓеркеш Жнидар во вторникот соопшти дека властите нема да толерираат постоење на какви било паралелни вооружени групи во Словенија, пренесува АП.
Видео снимката, на која се гледаат повеќе десетици маскирани мажи како се обучуваат на едно поле во униформи кои личат на воени, држејќи во рацете секири и пушки, предизвика загриженост во Словенија.
Шишко, кој освои околу два отсто од гласовите на минатогодишните претседателки избори, е познат по своите националистички и антимигрантски ставови, а неговата партија Движење за обединета Словенија не успеа да влезе во Парламентот на јунските избори.
Шишко е поранешен водач на навивачите на мариборските „виоли“, а според медиумите, повеќе пати бил во затвор, додава Хина и истакнува дека Шишко, меѓу другото, бил обвинет и за рекет и обид за убиство.
Шишко за агенцијата СТА изјавил дека неговата група не е паравоена единица, туку „доброволна одбранбена група на слободни луѓе“.
Високи словенечки функционери го осудија постоењето на групата.
Претседателот Борут Пахор рече дека таква група е „целосно неприфатлива“, додека мандатарот за составување на нова влада Марјан Шарец на Твитер напиша дека било каква вооружена група вон словенечките безбедносни сили „го поткопува уставниот и правниот поредок“.
Словенечкиот портал 24ур објави дека словенечки ултрадесничари кои се претставуваат како „Штаерска гарда“, на социјалните мрежи објавиле фотографии и снимки од собири на непозната локација, најавувајќи „жешка есен“ и протести кои „Словенија ќе ја претворат во Венецуела“.
Порталот наведе дека многу Словенци не верувале дека се случуваат такви работи, но подоцна таа вест ја потврди и некогашниот претседателски кандидат Андреј Шишко, кој за локалните медиуми рече дека токму тој е на чело на групата.
Танјуг – Белград