Во присуство на претставници од сите институции, во Берово денеска се одржа церемонија на свечено испраќање на словенечките пожарникари, кои во изминатите денови беа ангажирани во гаснење на пожарите што го зафатија беровскиот регион.
„Словенечките пожарникари, со својот висок професионализам и пожртвуваност, дадоа огромен придонес во справувањето со огнената стихија и во заштита на животната средина, објектите и населението“, порача градоначалникот на општина Берово, Звонко Пекевски.
На настанот присуствуваа претставници од сите институции кои беа вклучени во справувањето со пожарите на планината Готен и на Малешевските Планини.
„Во име на граѓаните на Општина Берово, упатив искрена благодарност за севкупната поддршка, со порака дека оваа интернационална солидарност, претставува пример за вистинско пријателство и соработка меѓу народите.
Изразуваме длабока почит и благодарност до Република Словенија, за испратената помош и се надеваме дека соработката ќе продолжи и во иднина, во духот на заемна поддршка и пријателство“, соопшти Пекевски.