Повеќе од 6.400 службени возила се евидентирани во базата на Државната комисија за спречување на корупција – од стари и неупотребливи до луксузни. Владата предизборно ја започна постапката за „тагирање“ на службените автомобили со црвени регистерски таблици.
И на централно и на локално ниво започна постапката за обележување на службените возила со црвени регистерски таблици. Една од првите општини чиј возен парк ќе биде на увид на јавноста е Гази Баба.
„Ги охрабрувам сите граѓани да пријавуваат доколку забележат сомнителна употреба на службените возила. Ние како институција ќе ги проследиме пријавите до надлежните органи, кои ќе постапуваат и ќе изрекуваат соодветни санкции“ – изјави Ивица Томовски, директор на СОЗР.
Од Владата ја најавија оваа операција како дел од борбата со корупција преку злоупотреба на државните ресурси за лични и партиски цели. Според информациите од Владата, до овој момент околу 500 возила низ целата држава веќе имаат нови црвени нови таблици а голем број се во постапка за маркирање. Очекувањата се дека за две недели, кога истекува рокот за завршување на целата постапка на означување, ќе бидат опфатени од 1.500 до 2.000 возила.
„Локално“ направи увид во базата на службени возила што ја има Државната комисија за спречување на корупција. Според последните достапни податоции, во земјава, на централно и на локално ниво има 6.409 возила, вклучувајќи ги и товарните со кои располагаат јавните претпријатија, здравстевените установи, противпожарните служби. Сепак најголем дела од службените возила се автомобили во сопственост на институциите на централно ниво и на локалните власти.
Возниот парк на државата е „шарен“ и според годината на производство на возилата и според брендот. Од марката „Мерцедес“ во базата на ДКСК се регистрирани 186 возила. Во нив спаѓаат и возилата на комуналните претпријатија и противпожарните служби како што се двете противпожарни возила под овој бренд од 1983 и 1987 со кои располага ТППЕ Ресен. Во изминатат деценија со марката „Мерцедес“ се подновиле Министерството за надворешни работи, МВР, М-НАВ, ЈКП Водовод Битола, ЈП Градски Паркинг Скопје, АД Мепсо, ЈП Комуналец Кавадарци.
Според податоците од базата на ДКСК на ниво на државата регистрирани се 79 возила од марката „Ауди“. Се чини дека овој бренд не е меѓу „фаворитите“ – последното возило „AUDI A-8 L 3.0“ е купено во Министерството за правда. Во возна состојба е Audi 80 од 1989 година со кое раполага ОЈО. Поголем дел од возила под овој бренд се купени од 2001 до 2009 та година. Во евденцијата е и фамозното Audi А6 на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко за кое тој доби ослободителна пресуда во предметот што се водеше против него за незаконска набавка на службено возило.
Под брендот на BMW се евидентирани 55 возила и најголем дел од нив се во сопственост на Министерството за внатрешни работи а меѓу поновите е она купено во 2016-та година, а со десеттина возила располага СОЗР и главно тие не се во возна состојба. Освен оние од МВР, најголем дел од возилата под овој бренд не се во возна состојба.
Но еден од „помилените“ брендови е Škoda. Во базата на ДКС се евидентирани 310 возила под овој бренд. Најголем број има во Министерството за внатрешни работи, потоа во ЈЗУ Центар за јавно здравје кој располага и со фургон возила под овој бренд, десеттина возила има ЈП Градски паркинг како и други јавни претпријатија, општини, ОТА , агенции…
Освен зголемена транспартентност, целта на владината одлука за обележување на возилата е да се добие целосна слика за бројката.
„Со ваков регистар при влез на секое возило во државата ќе се внесуваат податоци. Подобро возилото да не влезе отколку да се внесуваме отпад. За да се направи регистарот потребно е софтверско решение и овој проект би чинел околу 1,5 милиони евра. Планираме да аплицираме за пари од фондовите на Европската унија“ – соопштија неодамна од Владата.
Сепак досегашната пракса покажа дека особено за време на изборните циклуси често се забележува како функционери, без разлика на која владеjачка гарнитура припаѓаат, користат службени возила за партиски цели.
Д.А.