Пред десетина години бев во Охрид. Не одам често таму. Но, кога и да одам во Охрид одам кај Блашко и Лиле.
Блашко и Лиле ми се многу добри пријатели.
Тие, издаваат соби во нивната куќа, но не секому. Издаваат на луѓе кои ги познаваат подолго време, и ги оддржуваат како свои гости и пријатели со години.
Блашко и Лиле во дното од дворот на куќата имаат голема веранда. Точно во 15 часот секој ден од летото на таа веранда, која е во сенка, ручаат сите гости заедно. Блашко сака сите да ги спои и да ги направи пријатели, за престојот кај него да им е најкомотен.
За време на ручекот се јаде, се пие, се седи до доцна во пладнето, се разговара на социјални теми, се зборува за спортот, уметноста, голбалната политика. До крај се допиваат виното и ракијата кои Блашко самиот ги прави, а ги чува на соврешна темература во визбата од подрумот на неговата куќа, два чекори десно од верандата.
Не смее да се стане од маса додека се’ не се испие и изеде.
Таа година во една од собите за прв пат имаше гости од Синдеј, Австралија. Маж и жена, сопружници на околу 70 години по потекло од Трново, Битолско.
Дваесет и пет години не биле во Македонија. Ова за нив беше вистинско доживување.
Мажот, не ми текнува како му беше името, секој ден по неколку пати додека ручавме, сите заедно, повторуваше дека во Сиднеј има негова приватна банка, да бидам појасен, не престануваше да се фали колку многу е богат. Жена му, на која исто така и го заборавив името, додека тој зборуваше постојано климаше со главата во знак на потврдување и срамeжливо се смешкаше, веројатно и беше срам што ние сите кои седиме на истата маса сo нив сме сиротиња. Сопружниците никогаш финансиски не учествуваа со ниту еден денар за еден од сите ручеци.
Едно попладне седев сам на големата маса на верандата после ручекот. Cите отидоа на плажа, останав да го допијам домашното вино на Блашко. Точно тој ден двајцата австралијани не ручаа со нас. За време на ручекот го прашав Блашко каде се, а тој ми рече дека се појдени во град да купат подарок вечерва ќе оделе некаде на гости, кај некои стари пријатели. И така, седам сам, пушам цигара за цигара, пијам вино … одеднаш се отвори големата порта од куќата на Блашко која гледа директно во верандата. Низ неа влегоа двајцата трновчани од Сиднеј. Распложени веднаш седнаа на масата до мене. Мажот на масата од кеса на која се гледаше името на еден од комерцијалните супермаркети извади шише вино. Еден литар Смедеревка од Тиквеш. Ме погледна во очи и гордо рече;
„Одиме на гости вечерва. Не знам дали знаеш, ама богатите луѓе во Австралија секогаш кога одат некаде на гости носат вино.“
„Не, не сум знаел.“ – реков и додаов. „Тука тоа не е обичај.“ Ја изгасив цигарата, го допив виното на екс и веднаш си заминав.
После тоа веќе никогаш не ги сретнав овие двајца.
Ова што австралијаниве, т.е. македонците кои живеат таму, сите заедно собрале 1000 $ за несреќата која ни се случи на 6 август ме потсети точно на тој екстремно дарежлив момент, кога австралијаните – македонци одат кај некого на гости.
Банкарите од Сиднеј сите заедно собраа 1000 $ за 24 часа со што ќе и помогнат на Македонија, а уметничката авангарда на Скопје за помалку од 24 часа во малото место Concept 37 со продажба на своите уметнички дела за настраданите од поплавите собра повеќе од 4 000 евра и допрва уште ќе собира, бидејки акцијата трае до понеделник.
Богатството е душата на човекот.
#поплава
Добро Утро Скопје
Фејсбук стастус на Војо Цветановски