Со 10 илјади евра неможе да се купи ниту нов трактор, а не пак да се започне бизнис

Наместо да носи популистички мерки Владата и Министерството за земјоделство треба да испорачаат реални економски стратегии на среднорочен и долгорочен план кој ќе бидат финансиски поткрепени. На овој начин ќе се обезбеди развој во земјоделството и подобри резултати, вели Каракашев за „Локално“

од Vladimir Zorba
644 прегледи

Младите од 18 до 40 години кои сакаат да почнат да се занимаваат со земјоделство ќе добијат 600 илјади денари неповратен грант од државата. Овие средства ќе се исплаќаат на годишно ниво но најмногу на три рати, а за реализација на инвестицијата ќе се исплаќа 40 отсто аванс. Земјоделските експерти се скептични дека оваа мерка ќе ги врати младите во селата, бидејќи со 10 илјади евра неможе да се купи ни нов трактор, а не пак да се започне бизнис.

-Мерката има повеќе популистички карактер отколку што реално ќе придонесе за враќање на младите во селата и за подобрување на состојбите во земјоделството. Ова се мали средства со кои неможе да се започне бизнис кој би обезбедил подолгорочна егзистенција. Со 10 илјади евра неможе да се купи ниту нов трактор, изјави за „Локално“, Ѓорѓи Каракашев, претседател на Националната земјоделска мрежа.

Тој вели дека условите за доделување на овие средства не се многу поволни со оглед на тоа дека само 40 отсто од парите се даваат однапред, а 60 отсто по реализација на проектот.

Ѓорѓи Каракашев

Ѓорѓи Каракашев

-Поради овој услов голем број од апликантите нема да бидат во можност да ги реализираат проектите поради немање пари. Наместо да носи популистички мерки Владата и Министерството за земјоделство треба да испорачаат реални економски стратегии на среднорочен и долгорочен план кој ќе бидат финансиски поткрепени. На овој начин ќе се обезбеди развој во земјоделството и подобри резултати, вели Каракашев.

Земјоделците велат дека проблем во македонскиот аграр е што со години наназад се работи со загуби поради ниските откупни цени на житариците, оризот, градинарските култури, грозјето…Се поставува прашањето кој ќе земе кредит кога нема сигурен пласман и сигурна заработка? Од друга страна популацијата во агросекторот старее и загрижува фактот што во идинина ќе нема кој да ги обработува нивите.

Од МЗШВ најавуваат дека и понатака ќе се преземаат мерки за да се поттикне развојот на земјоделството и да се поттикнат младите да влезат во секторот, да се зголеми домашното производство. Целта на Владата е Македонија од увозник да стане земја извозник

-Ова е само еден стимул на нашите млади да влезат секторот земјоделство и истите да продолжат да го движат процесот во производството на квалитетна храна. Новата енергија во земјоделството е потребна за да се зголеми производството на храна, со што ќе станеме земја која што ќе извезува квалитетни земјоделски производи и по тоа ќе станеме и понатаму препознатливи, изјави министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски.

Инаку, предност при добивање на овие средства ќе имаат младите жени земјоделки, членови на задруги, млади со завршено земјоделско или ветеринарно образование како и оние кои сакаат да инвестираат во механизација и опрема за преработка и сточарско производство информираат од Агенцијата за финансиска поддршка и руралниот развој.

Б.С.

Слични содржини