Потребно е подигнување на прагот ДДВ за микро и малите бизниси, бидејќи сегашниот праг од два милиони денари, односно 32.000 евра е значително понизок во споредба со земјите од регионот, што претставува кочница за микро и малите претпријатија. Во Србија, Хрватска и Словенија овој праг изнесува околу 60.000 евра, додека во Албанија е дури 80.000 евра. Со оглед на тоа што кај нас околу 99 отсто од компаниите се микро и мали, повисокиот праг ќе им овозможи поголем простор за развој без оптоварување со сложени административни процедури, како и зголемување на плати.
-Подигнувањето на прагот за ДДВ е економски оправдана мерка доколку целта е поттикнување на микро и малото претприемништво, особено во економија со ограничена акумулација и ниски маржи. Сегашниот праг создава значителен административен и финансиски притисок врз најмалите бизниси, кои често немаат капацитет да го апсорбираат ДДВ без да ја загрозат ликвидноста. Затоа, повисок праг може да придонесе за поголема формализација, стабилност и раст на малите деловни субјекти, изјави за „Локално“ економскиот аналитичар и универзитетски професор Абил Бауш.

Абил Бауш; Фото: Фејсбук
Според него, иако номинално може да се појави краткорочно намалување на ДДВ-приходите, во среден рок ефектот врз јавните финансии не мора да биде негативен. Поголем број формални и одржливи бизниси значи поширока даночна база, повисоки приходи од персонален данок и социјални придонеси, како и намалување на стимулите за работа во сива економија. Во тој контекст, загубата од ДДВ може да се компензира преку други фискални канали.
-За микро и малите бизниси, повисокиот праг за ДДВ значи поголема ликвидност, поедноставено работење и можност за реинвестирање во раст и развој. Намалувањето на административниот товар им овозможува на претприемачите да се фокусираат на основната дејност, наместо на даночна усогласеност, што ја подобрува нивната конкурентност и ја зголемува стапката на преживување на фирмите во раните фази. Индиректно, подигнувањето на прагот за ДДВ може да создаде простор за раст на платите во приватниот сектор преку подобрување на финансиската состојба на фирмите. Сепак, овој ефект не е автоматски и зависи од растот на продуктивноста, пазарната побарувачка и општите деловни услови. Мерката може да биде предуслов за зголемување на платите, но без паралелни политики за економски раст и продуктивност, не може сама по себе да гарантира повисоки приходи за вработените, смета Бауш.
Во изминатите години имаше најави и предлог-дискусии за подигнување на на прагот на ДДВ од 2 на 3 милиони денари, како мерка за „намалување на административниот товар“, но тоа е различно од прашањето дали тоа е најпаметната даночна политика во овој момент.
-ДДВ е данок што, во суштина, паѓа на товар на крајниот потрошувач. Затоа, подигнувањето на прагот не создава „слободни пари“ кај бизнисите по дефиниција. Кај фирми што најмногу продаваат на физички лица, ефектот најчесто се претвора во ценовно позиционирање, а не автоматски во инвестиции, плати или продуктивност. Истовремено, секое поголемо изземање создава повеќе „сиви зони“ и повеќе простор за играње со прагот (делење активности на повеќе субјекти, веднаш под прагот, фактурирање со одложувања). Токму ова е добро документирано во меѓународната литература праговите создаваат силен поттик фирмите да останат под линијата и можат реално да го успорат растот околу прагот, наместо да го стимулираат., изјави за „Локално“, извршниот директор на ЗМАИ, Виктор Митевски.

Виктор Митевски; Фото: Локално
Тој смета дека, ако целта е да им се помогне на микро и малите бизниси, подобро е да се намалат трошоците на усогласување со системот или поттикнување на растот и развојот на овие субјекти, отколку да се шири изземањето од системот.
-Ако фирмата не е ДДВ-обврзник, таа не наплаќа излезен ДДВ, но истовремено не може да си го поврати влезниот ДДВ на набавки. Значи, ДДВ станува вграден трошок во цената, а не „ослободено средство“. Во работењето помеѓу деловните субјекти ова е уште појасно ако продаваш на други правни лица, тие претпочитаат фактура со ДДВ, а доброволната регистрација често е рационална одлука и од аспект на конкурентност и од аспект на ликвидност, секако ако трошоците за усогласување се разумни. Токму ова го потврдува и економската логика зад доброволното влегување во ДДВ, кај продажба кон други ДДВ-обврзници, товарот се „префрла“ по синџирот, додека фирмата добива право на одбивка на влезниот ДДВ, појаснува Митевски.
Тој смета дека подигнувањето на прагот на ДДВ може да има само маргинален и индиректен ефект врз платите. Платите одржливо растат кога расте додадената вредност по работник во форма на продуктивност, технолошко унапредување, подобра организација, инвестиции, пристап до пазари и конкуренција за работна сила.
-ДДВ не е механизам што „креира простор за плати“, затоа што ДДВ не е данок на профитот туку данок на потрошувачката и најчесто се вградува во цените. Што е поважно праговите знаат да создадат искривување што го кочи растот на фирмите околу прагот, а тоа директно работи против продуктивност и потенцијал за подобри плати. Овој ефект е и емпириски докажан од бројни научни студии за кај ДДВ системи. Затоа, ако зборуваме за плати, подобро е да се фокусираме на системски мерки што ја креваат продуктивноста, наместо на ad hoc поместувања на прагот што само ја преместуваат „кривината“ на друго ниво, смета Митевски.
Економистите сметаат дека подигнувањето на прагот за ДДВ ќе значи намален притисок за користење краткорочни кредити, поголема ликвидност и повеќе простор за инвестиции во иновации и повисоки плати. ДДВ се плаќа дури и кога фактурата не е наплатена, што е огромен товар за малите фирми. Поддршката на претприемништвото е единствениот пат кон подобра економија и повисок животен стандард.
Б.С.