Градинките повторно се отворат на 9 септември односно среда по Денот на независноста.
Приемот на децата по воспитна група треба да биде со 10 минути временска разлика на влез, на кој задолжително е обележано растојание од 2 метри, а детето го спроведува еден родител кој секогаш носи заштитна маска.Воедно секое дете ќе треба да има и потврда од матичен лекар дека е во добра здравствена состојба.
Во однос на дистрибуцијата на храната, задолжително треба да се врши секојдневна дезинфекција на превозните средства со кои се дистрибуира храна од главната кујна до другите објекти, а лицата кои доставуваат храна задолжително да носат заштитни маски и ракавици. Храната за децата да се остава пред занималната, а децата да јадат во својата занимална со претходно направена дезинфекција на масите и рацете.
„На сите вработени при влегување во установа задолжително ќе им се мери температура. Доколку некој вработен има било какви симптоми на болест истиот треба веднаш да биде отстранет од работа. Не се дозволува собирање и меѓусебни контакти на вработените во заеднички простории. Вработените во установата имаат обврска да го следат сопственото здравје и состојбата на децата при прием и во текот на престојот на децата во установата и во целост да се придржуваат кон општите препораки за превенцијата на КОВИД-19, на работното место и вон него“, информираше министерото за здравство Венко Филипче.
Во однос на приемот и престојот на децата во установата, тој појасни дека при прием, на секое дете му се мери температура со бесконтактен термометар, а детето по влез во градинката задолжително ги мие рацете, како и повеќе пати во текот на денот.
„Растојанието помеѓу масите за седење на децата треба да биде од 1,5 – 2м, спиењето е организирано така што децата треба да бидат поставени на креветите според принципот „нозе – глава“ повторно на растојание од 1,5 – 2м, во единечни кревети и постелнина за секое дете, обележени со име на детето. За време на работа, вработените задолжително треба да носат заштитни маски. Воспитните групи за деца до 2 годишна возраст да имаат максимум по 6 деца и двајца вработени во смена. Воспитните групи за деца над 2 години да имаат максимум по 15 деца и двајца вработени во смена. Секој родител треба да достави лекарска потврда од матичен лекар за здравствената состојба на своето дете. Установата да обезбеди потврда од родителот/ите дека работните задачи задолжително мора да ги извршува/ат на работното место, без можност за работа од дома“, истакна Филипче.