Полиција влезе во магацини каде што волонтери од невладината организација „Сите заедно можеме“ пакуваа прехранбени продукти за дистрибуција до семејства од социјално ранливите категории во осум општини, пренесува a1on.mk.
Волонтерите, наместо дома, до 4 часот утринава останале во полициска станица, каде што даваа исказ. Во акцијата на полицијата била вклучена и дежурната јавна обвинителка Лидија Георгиева, кој наредила хуманитарната помош да не биде транспортирана додека не се достават документи за потекло на стоката. Претседателот на невладината организација, Александар Маркоски, појаснил дека испратниците и фактурите не ги чуваат во магацин и дека тие се кај донаторите на стоката, односно семејството Заеви, но не наидоа на разбирање од страна на инспекторите.
„Кога дојде полицијата, во магацинот бевме целосно забарикадирани, нè прашаа што работиме, ние објаснивме, по што тие ја стопираа работата. Ни побараа дозволи за движење, ги покажавме и ни ги одзедоа. Се консултираа и бараа разни документи. Неколкупати прашав што се случува, но не ми даваа конкретни одговори, немаа објаснување. Сметам дека има политичка заднина. Производите се донација од семејството Заеви. Како волонтери сме зачудени за потребата од упадот. Ни кажаа да одиме во станица, а јас им реков дека стоката може да се расипе ако остане надвор.
Возилото за товарење остана среде улица и уште е таму. Бевме повикани во станица, а таму до 4 часот наутро ни поставуваа исти прашања, само извртени на 101 начин“, објаснува Маркоски.