Власта се фали со успешни 3,4% економски раст во вториот квартал од годинава, опозициската СДСМ обвинува за манипулација со бројки а економистите предупредуваат дека растот на БДП мора да следи и анализира преку нивото на задолжување на државата.
„Проектираните стапки на раст на БДП од околу 3,5% се премногу ниски за да бидат во здрава пропорција со сегашното ниво на задолжување дома и во странство. Во економијата постои правило дека долгот може да се смета за одржлив ако со него се финансира раст што е повисок од цената на задолжувањето. Кај нас, заемите најчесто се користат за тековна буџетска потрошувачка и за покривање дефицити, наместо за капитални инвестиции што ќе генерираат продуктивност“ – оценува професорот Абил Бауш за „Локално“.
Според економистите од „Фајнас-тинк“, економскиот раст во вториот кавртал благо забрзал но не генерирал нови работни места.
„Невработеноста во вториот квартал од 2025 понатамошно благо се намали на 11.5% (од 11.7%). Но, во овој квартал, се намали и активноста на населението (52.2% од 52.4%), како резултат на што се намали вработеноста на 46.2% (од 46.3%). Овие движења упатуваат на зголемување на воздржаноста на пазарот на труд. Сепак, губењето 1,000 работни места во нето износ во однос на претходниот квартал е секторски хетерогено“, оценија од „Фајнанс тинк“.
Според првиот човек на Стопанската Комора , Бранко Азески, секој раст на БДП повисок од претходниот е успех а за позначајни стапки е потребен здрав економски амбиент.
„Нас ни е потребна цел, таа цел ја гледам во раст на бруто домашниот производ затоа што нема други индикатори кои ќе прикажат дека има плаформа и има цел кон која се движиш. Јас верувам и сум верувал цел живот во три работи: да имаш јасна цел пред себе, луѓе што можат тоа да го остварат зад тебе и да имаш пари. Без тие работи неможе напред да се оди“ – изјави Азески.
За здрав и одржлив економски раст потребни се инвестиции и приватни и јавни, рационално буџетско трошење и развој во главните сегменти – образование и дигитализација, посочуваат аналитичарите.

Абил Бауш; Фото: Јутјуб/Принтскрин
„Со вакви динамики, долгот расте побрзо од економијата, што создава ризик од т.н. долговна замка ситуација во која секој нов заем служи само за сервисирање на претходните. За да се воспостави пропорционалност помеѓу задолжувањето и растот, потребно е радикално пренасочување на буџетските средства кон инвестиции во инфраструктура, дигитализација, образование и енергетика. Дури тогаш секое задолжување може да се оправда како инвестиција во идниот раст, а не како товар на сегашната потрошувачка“ – вели економистот Бауш.
Власта се фали со успех, опозицијата обвинува за манипулација..
Власта е задоволна од испорачаните економски показатели во вториот квартал. Позитивни оценки дадоа и премиерот Мицкоски и министерот за транспорт Николоски.
„Особено ми е драго што секторите градежништво, транспорт и складирање силно растат! Тие се двигатели на македонската економија,“ напиша на социјалните мрежи министерот за транспорт Александар Николоски.

Фото: Јутјуб/Принтскрин
Според опозициската СДСМ пак бројките со кои се фали власта дека сме 4 та европска економија според висината на порастот на БДП се манипулативни.
„Македонија е далеку од 4-та економија во Европа како што сака Мицкоски да прикаже. Неговите фалби немаат врска со реалноста. Македонскиот БДП по жител, според куповната моќ, е само 42% од просекот на ЕУ, повисок просек од нашите граѓани има дури и земјите во регионот, Србија со 51%, Црна Гора со 53%“ – критикува СДСМ.
Според сегашните проценки годинава треба да заврши со раст на БДП за 3,7%
Д.А.