По итна постапка изгласан Законот за спречување корупција

од Vladimir Zorba
89 прегледи

Собранието со 81 гласа „за“ попладнево го донесе по скратена постапка Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси.

Министерката за правда Рената Дескоска рече дека денеска пред пратениците е квалитетен европски закон во кој се инкорпорирани препораките на Европската комисија и експертската група на господинот Прибе.

–  Владата предложи закон што се темели на следните основи. Силна државна комисија за спречување корупција со зголемени надлежности. ДКСК со ефикасни механизми за спроведување на надлежностите. Сериозни критериоуми за избор на професионален состав на ова тело. Транспарента постапка за избор на членови со учество на медиумите и граѓанскиот сектор. ДКСК ќе врши контрола на финансирањето на политички партии, која ќе биде превентивна врз основа на годишен план, но и по поднесена пријава. Граѓаните имаат право врз основа на општ член да пратат иницијатива до ДКСК и доколку е основана комисијата по службена должност почнува постапка за контрола на финансирањето, изјави Дескоска.

Таа нагласи дека не смее да ни се повтори праксата постапките да завршуваат во фиока на ДКСК и за таа цел се донесени рокови во кои таа мора да постапува.

– Новина е обврската ДКСК да прави проценка на ризик од корупција и на годишен план за проверка на анкетни листови на функционери и финансирање на политички партии, дури и кога нема сомневања. ДКСК ќе има директен увид во банкарските сметки на носители на јавни функции и ќе има директен пристап во најмалку 64 бази на податоци за вкрстена проверка на имотната состојба. Внесена е надлежност ДКСК да испитува и евентуални сомневања за корупција при јавни набавки, изјави Дескоска.

Пратеничката од СДСМ и коалицијата, Снежана Калеска – Ванчева истакна дека од 40 предложени амандмани од ВМРО-ДПМНЕ, заеднички усогласивме 20 амандмани кои се во насока на подобрување на текстот.

– Можам да изразам задоволство од усогласениот текст, изјави Калеска – Ванчева.

Со новото законско решение се регулираат и двете области корупцијата и судир на интереси,  меѓудругото се воведуваат промени во самата постапка за избор на претседател и членови, во статусот и нивните плати, како и во претстанокот на функцијата и разрешување на членовите, а има измени во однос на пријавување на имотната состојба и интересите и обврските кај административните, судските и јавните службеници. Се зголемуваат надлежнистите на Комисијата, при што таа сега води постапка за контрола на финансирањето на политичките партии и ја следи законитоста на финансирањето на изборни кампањи.

Владата на Република Македонија на завчерашната 115. редовна седница донесе одлука на Собранието да му предложи овој Предлог-закон да оди по скратена постапка и со европско знаменце, по што владеачкото мнозинство и опозицијата вчера постигнаа согласност и СДСМ прифати 20 од 40 амандмани поднесени од ВМРО-ДПМНЕ.