Собранието ја заврши расправата: Пратениците ниту денес нема да гласаат за предлог-законот за попис

од Nikola Popovski

Собранието ја заврши расправата по Предлог-законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија. Гласањето по Предлог законот ќе биде дополнително закажано.

Во обраќањето пред завршувањето на расправата, министерот за правда Бојан Маричиќ истакна дека државата и системот се подготвени за попис, бидејќи, како што рече, речиси 20 години таква операција не е спроведена, а е од исклучителна важност за развојот на државата. Доказ за подготвеноста рече, е и извештајот на Европската Комисија, во кој се нотирал добар напредок, особено во спроведувањето на пилот фазата од пописот на населението, како и тестирањето на новата методологија.

„Најавата дека ќе се собираат потписи да се спречи одржувањето на пописот е само продолжение на напорите да се опструира развојот на државата, а повикот за бојкот е бизарен. Не може да се бојкотира нешто што е обврска“, рече Маричиќ.

Пратениците од опозицијата се сомневаат дали и колку процесот ќе биде навистина статистички, а не политички.

Пописот, велат опозициските пратеници, треба да биде статистичка операција што ќе даде бројки за резидентно население, а не број на државјани. Според нив, ја нема дефиницијата за постојано место на живеење, која мора да ја има секој закон за попис, а регулативите на ЕУ и ООН, за резидентно население го  сметаат она кое живеело во нивното место на вообичаено живеење за континуиран период од најмалку 12 месеци пред пописот и она кое пристигнало во нивното место на вообичаено живеење во текот на 12 месеци пред пописот со намера да остане таму најмалку една година.

Во земјава првиот попис е одржан во 1948 година. Спроведени се осум пописи, а последниот во 2002 година. Во 2011 година почна да се релизира ваква статистичка операција, но, беше прекината.

Слични содржини