Сопругата на Камчев утре во „Рекет“ ќе кажува како му давала пари на Боки 13

од Aleksandar Todeski
497 прегледи

Утре продолжува судењето за случајот „Рекет“, каде како сведок ќе се појави Ана Камчева, сопруга на бизнисменот Орце Камчев. Таа во судот ќе раскажува за тоа тоа како Бојан Јовановски – Боки 13, поранешната Специјална јавна обвинителка, Катица Јанева и Зоран Милевски – Кичевски зеле половина милион евра од неа за на нејзиниот сопруг, осомничен во случајот „Империја“ да му биде определена поблага мерка, домашен притвор.

Фото: Борче Поповски

На претходното рочиште, сведокот Орце Камчев пред судијата истакна дека неговата сопруга Ана имала повеќе средби со Боки 13 и Кичевскиот, а на една од средбите, Јовановски добил 350.000 евра кои наводно биле наменети за Катица Јанева, сместени во кутија за кондури и 150.000 евра кои тој му ги дал на веќе осудениот Милевски. Инаку Камчева како сведок требаше да се јави во судот во петокот, но поради покачена температура, нејзиното сведочење беше одложено за вотрник.

На првото рочиште кое се одржа на 3. декември, третообвинетиот Кичевски, некогаш близок соработник на Камчев, призна вина. Судијката Васка Николовска – Масевска утредента, на 4. декември ја соопшти затворската казна од три години за него, имајќи предвид дека бил претходно неосудуван, признанието на вина и семејната состојба. Наспроти доброволно признавање на вина на Кичевскиот, Јовановски и Јанева останаа на ставот дека не се нималку виновни и дека тоа ќе го докажат низ судските рочишта.

Додека оштетениот Камчев велеше дека Јовановски му ветувал дека ќе има спогодба доколку ги даде парите, а откако неговата сопруга веќе дала половина милион евра, тој одлучил да снима како дополнително дава милион евра, првообвинетиот Бојан Јовановски го прашуваше што друго имало во торбата Луј Витон и дали торбата подоцна била вратена кај него.

Камчев пак, инсистираше дека Јовановски му рекол оти обвинитлката Лиле Стефанова и второобвинетата Катица Јанева ќе средат се околу случајот „Империја“, кога тој ќе ги даде парите, но и дека случајот го пријавил кај премиерот Зоран Заев, кој бил запрепастен и го советувал доказите да ги однесе кај обвинителката Вилма Русковска.

Беше споменато и името на министерот за здравство, Венко Филипче, кој учествувал на средба со Јовановски и Камчев, но како што рече оштетениот, на таа средба се разговарало за јавно-приватно партнерство за некаква клиника, идеја на Јовановски за која не биле заинтересирани ниту министерот Филипче ниту бизнисменот Камчев.

И наспроти тврдењата на опозицијата дека во случајот се вмешани политичари, оштетениот Јордан Камчев излезе со спротивен став, дека во неговиот случај немало ниту еден политичар вмешан. Во судница кажа дека Јовановски му покажувал фотографии со политичари од владејачката партија, а често ги викал и на гости во телевизијата за да покаже блискост со нив, со цел полесно рекетирање на бизнисмени.  Како вмешани во случајот, Камчев ги спомена и судијката Весна Димишкова, која била истражна судијка за случајот „Империја“, и нејзиниот брат, адвокатот Васил Димишков.

Следното рочиште треба да се одржи во вторник, кога ќе сведочи Ана Камчева, сопругата на Јордан Камчев, која во кутија за кондури му ги дала првите 350.000 евра на Боки, а на Кичевскиот во ќесе од продавница уште 150.000 евра.

Јовановски и Милевски беа уапсени на 15 јули годинава, првиот на граничниот премин Богородица, вториот во Скопје. На истиот датум и беше одземен едниот телефон на тогаш Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, а вториот, за кој тврдеше дека и бил изгубен, Обвинителството за организиран криминал и корупција го најде една недела подоцна, кај сестрата на девојката на Лазар Јанев, нејзиниот син.

Од тогаш, Јовановски и Милевски беа во притвор, а се вршеа разговори со повеќе лица кои би можеле да бидат сведоци во случајот. Еден месец по нивното апсење, на 21 август беше уапсена и Јанева, како второосомничена во „Рекет“. По завршувањето на истрагата и неполн месец пред да почне судењето, Милевски и Јанева беа пуштени во домашен притвор.

А.Т.

Слични содржини