Сопственикот на Енергосистем, Зоран Кондратенко, кој е заразен од коронавирусот денеска се јави на социјалните мрежи со пофалба за персоналот на Инфективната клиника.
„Трет болнички ден, добри сме, благодарение на професионалната нега и човечката грижа на персоналнот на Инфекивната клиника, кои за секој посебен случај консултираат литература, притоа несебично го посветуваат цело време кое ви треба за консултации и совети. Луѓево се херои, не застануваат, негата е буквално 24 часа, за нив треба да се пишува. Од друга страна и вашата поддршка и коментари ни даваат сила да поинеме низ целава ситуација полесно и што побргу да се вратиме кај вас“, пишува Кондратенко на Фејсбук.
Во моментов во земјата има 42 лица заразени со коронавирусот. Министерот за здравство, Венко Филипче најави масовно тестирање во деловите кои според епидемиолошките мислења треба да се изврши, на начин на кој се тестираат жителите на Дебар, а од вчера, на барање на владата, претседателот Стево Пендаровски прогласи вонредна состојба на територијата на целата држава.