И покрај апелите да не се организираат прослави и викендов на социјалните мрежи се објавуваа видеа и фотографии од матури, свадби на кои се гледа како луѓето без соодветна заштита, дистанца играат и пеат.
„Додека некои имаат фамилијарни матурски прослави некој моли за помош. Се бараат донатори на крвна плазма кои прележале Ковид 19“….. „Додека ние бараме донатори некои со душа ја чекаат матурантката да е здрава и жива ама оваа не е во ред со славите и прославување матура и дрн дрн незнам нечовечност“…. „Без срам, уште слики си постирате, а од вакви без ум, народ на инфективна се бори за живот!“… „Ова не е во ред, народ умира, болниците се полнат, овде објавувате фотографии од собири во време кога е забрането. Ако не верувате во болеста и во вирусот одете малку на Инфективна и заменете ги тие доктори кои бел ден не виделе 4 месеци. Ќе ве биде и без собири, срамота. МВР, спиеш ли“…Се само дел од коментарите на социјалните мрежи, под фотографиите кои се објавуваа изминатите денови“.
Проблемите со кои се соочуваат на терен епидемиолозите на дневна основа се недавање точни лични податоци, во епидемиолошката анкета.Често се случува да се даде точно име, а презиме случајно згрешено со две или три букви, непостоечка адреса, телефонски број не постои, меил секако не, велат од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ).
Оттаму напоменуваат дека кога екипите одат да им ги врачат решенијата решенија за самоизолација кои се со точни податоци на терен се од типот: Ова лице не живее тука со години, не го познаваме или едноставно не отворање врати за да не се прими решението.
– Секое позитивно лице или контакт од прв ред со висок ризик со позитивно лице кое нема да го прими решението и слободно ќе фунцкционира е потенцијална бомба, односно потенцијална зараза за сите оние каде тоа ќе се движи, изјави пред неколку дена директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), Иринка Сотирова Бухова.
Бројот на позитивни на коронавирусот во државава се искачи на 5106, а досега починаа 238 лица. Вчера беа регистрирани 101 нов случај на КОВИД-19, од направени 776 тестирања и пет починати. Институтот за јавно здравје вчера регистрираше 22 оздравени пациенти од кои 11 од Скопје, 10 од Тетово и еден од Велес. Бројот на активни случаи на ниво на држава е 2 942.
Од вчерашните регистрирани нови 101 случај на КОВИД-19 во државата, согласно вчерашните податоци, најголемиот број, 57, се од Скопје, со што вкупната бројка на заразени во главниот град достигна 2 498, а активни се 1 699.