„Совршената бура“ ја покачува цената на кафето

од Vladimir Zorba

Цените на сировите зрна кафе достигнаа 10-годишен врв на светските берзи, а набљудувачите очекуваат тиа да растат барем до 2023 година, пишува CNBC.

Договорите за снабдување во декември беа затворени во понеделникот по цена од 2,34 долари за фунта („pound“, приближно 450 грама).

Во четвртокот, фјучерсите на ICE во Њујорк достигнаа 2,46 долари – највисока цена од 2011 година, кога стоката го скрши нивото од 3 долари за фунта. Референтната цена на Меѓународната асоцијација за кафе беше 2,07 долари во петокот – 85 отсто раст за годинава.

Оле Хансен, директор на Saxo Bank, го припишува порастот во изминатите 12 месеци на „совршената бура“.

„Прашање е дали ова што се случува ќе трае долго“, рече тој.

Според него, инвеститорите треба да се концентрираат на ситуацијата во Бразил, каде имаше невообичаено ниски температури и мраз, а потоа и долг период на суша, што сериозно влијаеше на жетвата.

Хансен верува дека климатските настани може да влијаат на жетвата подоцна оваа година, како и во 2022 година. Па дури и во 2023 година.

„Цените на кафето достигнаа 3 долари за фунта во 2011 година, кога повторно имаше загриженост за недостигот во Бразил“, се сеќава тој.

И тој претпоставува дека е сосема можно цената на кафето да продолжи да расте.

Покрај лошите временски услови, значително влијание на пазарот имаа и проблемите со синџирот на снабдување, бидејќи производителите и компаниите кои пакуваат кафе често се во различни земји.

Неизвесноста на пазарот доаѓа и од земји како Етиопија, која е на работ на граѓанска војна.
Во Виетнам, од друга страна, голем број на заразени со Ковид-19 влијаат на производството.

Слични содржини