Компанијата за вселенско истражување на Space X, ќе започне со мисијата за испраќање луѓе на Марс во наредните десет години, најави денеска претседателот на компанијата Гвин Шотвел, зборувајќи на TED конференцијата во Ванкувер.

Шотвел смета дека веќе е дојдено време во кое човештвото мора да се потруди да пронајде нови форми на живот во вселената.
„Ова е првиот чекор на движење на човештвото кон други сончеви системи и потенцијално други галаксии. Всушност одиме на други места за да истражуваме, тоа ги прави луѓето поразлични од животните. Во оваа сфера имам поголема визија од онаа на Елон (Маск), сакам да запознавам луѓе, или како и да се нарекуваат тие во различни сончеви системи“, рече Гвин Шотвел, обраќајки се пред публиката на TED конференцијата.
Кога ќе биде произведен најновиот проект на Space X, наречен BFR (Big Falcon Rocket), ќе биде променет начинот на кој луѓето ја доживуваат транспортацијата на луѓе, смета Шотвел. Оваа ракета нема да биде употребувана само за патување надвор од Земјината орбита, туку ќе понуди и комерцијални летови од едно место на планетата до друго. Според Шотвел, BFR ќе може да пренесува околу 100 патници со брзина незамислива за авионите и летот од Кина до САД ќе трае не повеќе од 40 минути.
Најголемата цел на Елон Маск е да се направи лет до планетата Марс и таму да се постави човечка колонија која ќе делува кон откривање на тајните на „Црвената планета“. Иако засега нема официјална потврда за точниот рок во кој ќе бидат пратени првите ракети кон Марс, сепак Шотвел има поставено некои рокови во кои смета дека е можно тоа да се случи.
„Некогаш во наредните 10 години ќе започнеме со мисијата на Марс. Ова не е рок кој го даде Елон (Маск), туку е рок кој јас го предлагам, според мојата математика“, додаде Гвин Шотвел.
Минатата година Елон Маск рече дека првата карго мисија на Марс би можела да дојде набрзо, уште во 2022 година, додека првата мисија со која ќе се прати човек на Марс би можела да биде изведена само две години подоцна.