Спасов: С. Македонија не треба да биде алчна по „мечкини услуги“

од Nikola Popovski
277 прегледи

Бугарските медиуми јавуваат дека во Комисијата за надворешна политика на нивното Собрание стигнал предлог за дигање на ветото за започнување разговори меѓу Македонија и ЕУ. Некои медиуми тврдат дека тој предлог содржи вклучување на сите барања на Бугарија во преговaрачката рамка. А токму тоа не беше прифатливо за Македонија до сега. Во Македонија се уште никој не знае за постоењето и содржината на таков предлог од Франција. Мала е веројатноста Французите да почнале со убедување на Бугарија пред да знаат дали имаат согласност за нивниот предлог и од Македонија, смета професорот и поранешен министер, Ѓорѓи Спасов за актуелната ситуација околу спорот со официјална Софија.

Спасовски прашува дали со ова „Франција ни прави мечкина услуга?“.

-Ако постапиле така и ако добијат согласност од Бугарија под условите за кои говорат бугарските медиуми тогаш Македонија ќе мора да каже дека направиле сметка без крчмарот. Ние постојано повторуваме дека сакаме да почнеме преговори но без уцени и нови услови во преговарачката рамка. Ако бидиме уценети во стилот “земи или остави” треба да кажеме остави. Глупаво е Макрон и ЕУ со некоја своја еквилибристика да ја спасуваат владата на Кирил Петков а да ја срушат владата на Димитар Ковачевски, потенцира Спасов.

Според него, „на Макрон му е важен неговиот личен углед и тој би сакал да го спаси кредибилитетот на ЕУ која ветуваше започнување преговори со ЕУ ако се исполнат копенхашките критериуми, кои Македонија ги има исполнето“.

-Но спасувањето на неговиот углед и на кредибилитетот на ЕУ не може и не смее да се случи на сметка на уривањето на угледот и кредибилитетот на преговарачите од страна на Македонија. Тие исто така не треба и не смеат тоа да си го дозволат. Колку и да сме очајни и желни за членство во ЕУ, сепак не е крај на светот. Ние не треба да бидиме алчни по некој вид “мечкини услуги”. Многу земји кандидати за членство во ЕУ ги имаат одамна почнато разговорите за членство за кои никој не знае дали и кога ќе завршат. Нас ни е потребен почеток на разговорите на кои им се гледа крајот и за тоа ни се потребни гаранции. Без елементарна сигурност и јасни правила, кревањето на ветото и почетокот на разговорите ќе биде успех за сите освен за Македонија, објаснува професорот.

Слични содржини